20.12.2017
Советот на Општина Штип денес го изгласа буџетот за 2018 година. Буџетот е проектиран на 942.425.000 денари (околу 15 милиони евра). Со исклучок на еден советник кој беше воздржан, сите други советници, и од позицијата и од опозицијата гласаа за буџетот. Денес во советот преовладаа интересите на Штип и штипјани. Имаше различни видувања по значајни прашања, но на крајот, преку исцрпна демократска дебата, одлуките се носе со пристојно мнозинство гласови.
Интересно е дека оваа седница беше продолжение на претходната кога советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја напуштија седницата но денес пак седнаа во советничките клупи.
Образлагајќи го буџетот градоначалникот Благој Бочварски потсети дека на неговото изготвување му претходеа бројни средби со граѓани, на коишто беа слушани нивните предлози за тоа што Општината треба да направи во 2018 година. –„При изготвувањето на буџетот за 2018 година во целост се почитуваше принципот на буџетска дисциплина и рационално и ефикасно искористување на нивните приходи и истовремено сведување на непродуктивните трошоци на минимум, а се со цел обезбедување поголем простор за инвестиции кои ќе се во функција на развојот на општината, односно за инвестиции чија функција е развојна“, потенцира Бочварски.
Денес во Советот на општината преовладаа интересите на Штип и штипјани. Имаше и различни видувања по значајни прашања, но на крајот, преку исцрпна демократска дебата, одлуките се носе со пристојно мнозинство гласови. Штип својот буџет ќе го посвети на изградба на нова детска градинка, брана на Отиња, гасификација, патна градска инфраструктура, невладините организации добиваат повеќе пари, културата и спортот си го добиваат заслуженото внимание…
Учеството во вкупниот буџет на блок дотациите и основниот буџет е 50:50 проценти. Како што беше речено на денешната седница на Советот на општината, основната цел на буџетот е да се намалат непродуктивните трошоци и да се обезбеди простор за реализација на политиките на новата локална власт. На тој начин ќе се обезбеди простор за мерки и проекти коишто ќе значат зајакнување на социјалната кохезија помеѓу граѓаните и зголемување на квалитетот на живот во општина Штип.
Во буџетот за 2018 година предвидено е реализирање на повеќе капитални проекти. За капитални инвестиции, кои се најважен елемент во развојот на градот, се позиционирани 180 милиони денари.
-Успеавме да излобираме проектот брана на река Отиња да влезе во Програмата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. По допроектирање на проектот, треба да започне изградба на оваа долгоочекувана инфраструктурна инвестиција. Гасификацијата е уште еден голем капитален проект за нашиот град. Во буџетот за 2018 година, издвоени се буџетски средства од 6 милиони денари за проектирање на основен проект за секундарната мрежа на градот Штип со сите фази. Работиме напорно за да можеме да започнеме со реализација и да ја отпочнеме гасификацијата на градот, рече Бочварски.
Во изработката на буџетот, ставен е акцент и на желбите и потребите на најмладите. Во таа смисла предвидена е изградба на детска градинка во населба Сењак, како и изградба на десет детски игралишта на десет локации во Штип. Ќе има четири пати повеќе средства за рекреација и спорт на учениците од основните и средните училишта во нашиот град. Средствата за невладини организации се зголемуваат од 700.000 на 1,2 милиони денари.
Во 2018 година, предвидено е во Општина Штип да се реализираат мноштво други проекти, меѓу кои: изградба на стационар за бездомни животни, реконструкција на трибини на градскиот стадион, реконструкција на крстосницата во населба Сењак, изградба на мал затворен базен во соработка со Агенција за млади и спорт, енергетски ефикасно улично осветлување и друго.