Штип, 12.06.2018
Пред сто години Штип имал Градски дувачки оркестар. На времето тој настапувал по повод разни свечености од значење за заедницата, а свирел и на погреби. Во поново време градот нема такво нешто, но ново светло во мрачниот тунел фрла ентусијазмот на поголема група млади музичари кои имаат квалитет и кои се подготвени Штип да добие Градкси дувачки оркестар. На оваа тема разговараме со м-р Баже Костадинов, професор по труба во средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“, доцент на Музичката академија при УГД кој четири години бил прва труба во Македонската опера и балет.
-Градски дувачки оркестар сме имале од 1918 до 2006 година кога тој престанал да работи. Ние, група од 40-на вљубеници во музиката формиравме нов оркестар со надеж дека ќе ја имаме потребната поддршка од општината. Во неа се ученици од ДМУЦ „Сергеј Михајлов“, студенти на Музичката академија, професори но и ентусијасти. На почетокот од годинава формиравме Здружение на граѓани, од Министерството за култура добивме само 100.000 денари за концерти во Штип и во Велес. Овие пари не се доволни за реализација на зацртаните цели, а тие цели се Штип да има дувачки оркестар кој ќе биде еден од брендовите на овој наш град, вели Костадинов.
Жално е универзитетски град, прв Град на културата во државата (2004), регионален економски центар, град со Музичка академија, со етаблиран Државен музички училиштен центар, град на легендарното КУД „Македонка“, родно место на првата опера во Македонија да нема свој Градски дувачки оркестар
Првиот концерт го одржале во Мултикултурниот центар „Киро Глигоров“ пред пеполна сала. За проби повеќепати ја менувале својата локација, не добиле постојан простор за својата работа иако градот има слободен простор во своите капацитети од областа на културата.
-Имаме годишна програма за работа, за нејзина реализација потребни ни се 600.000 денари, но ние такви пари немаме. А нашата идеја е дувачкиот оркестар да прерасне во мал симфониски оркестар, па еден убав ден да направиме опера во градот во кој знаменитиот Серѓеј Михајлов ја поставил првата опера во Македонија и тоа токму во Штип во 1925 година. Ако се можело тогаш, во многу скромни услови, зашто тој сон Штип да не си го оствари и сега кога на дофат ни се сите можности, посочува Костадинов.
Оркестарот на 25 овој месец ќе настапи во Велес а ден потоа ќе има концерт и во Штип.
-Нам ургентно ни е потребен превоз, се молиме и ја очекуваме поддршката од општината со нејзиниот автобус, се надевамаме дека за патувањето во Велес ќе имаме разбирање. Конечно, цениме дека градската власт ќе не поддржи на секаков начин, и просторно и финансиски и дека ќе го оствариме сонот Штип да има многу квалитен Градски дувачки оркестар, вели Баже Костадинов.
Овие ентусијасти нудат музичка култура која и недостасува на градот. Нудат продолжување на стогодишната традиција, за што гаранција се големиот број млади луѓе кои со нетрпение чекаат да дојдат на проба на оркестарот. И зад сето тоа стојат нивните скромни барања во однос на просторното прашање и финансиската поддршка.
Костадинов ги кани штипјани, а и другите кои го читаат овој текст, да дојдат на нивните концерти во Велес, на 25 и во Штип на 26 овој месец. Во Штип местото на кое ќе се оддржи концертот сеуште не е определено, а изборот ќе го направи диригентот маестро Тоше Митрев за што јавноста на време ќе биде информирана.