БОЧВАРСКИ: Во проекти од значење за градот вложивме 161,5 милион денари
Штип, 08.08.2018
Над 161,5 милиони денари пари на граѓаните, се вложени во бројни инфраструктурни проекти во периодот од мессец ноември, минатата година до сега. Сите проекти се од суштинско значење за растот и развојот на нашиот град.
„Над 2.600.000 евра се насочени кон вистинските цели.
Граѓаните ќе ги запознаваме со реализацијата на овие инфраструктурни проекти постепено, а денеска ќе набројам што се гради во моментов.
Во Штип интензивно се градат нови или се санираат и обновуваат вкупно 32 улици во градот. Се градат новите улици во близина на објектот „Луна Комерц“, како и улиците „11 Конгрес“ и 6 и 7 во населба Баби, две улици кај Радански пат и шест улици кај Сончев Град кај населбата Дузлак. За улиците во градот, Општина Штип во моментов вложува вкупно 38.353.441 денари. Предвидена и изградба на пристапен пат за населбата Суитлак, пристапни улици во населба Горна Железничка, во Блок 2000, како и многу други проекти“, посочи штипскиот градоначалник Благој Бочварски.
Според Бочварски, освен за улици, се вложува и во патната инфраструктура, со тоа што се градат нови тротоари, како на пример оној кон Кампус 4 на УГД, но и се обновуваат старите, како што е тротоарот кон Клиничка болница, на улицата „Козјак планина“.
Се реконструира игралиштето во населба Блок 2000, а исто така се поставени десет активни зони за вежбање.
„Се поставуваат канализациони мрежи во населбите Баби и Суитлак. Исто така се врши поврзување на новите бунари во системот за бунарско обезбедување со вода, што чини 1.200.000 денари.Во село Љуботен се врши реконструкција на водоснабдителниот систем.Сакам да информирам и за тоа дека реализацијата на проектот со обиколницата е во својата финална прва фаза, а се очекува наскоро да започне и втората фаза од овој проект. Во финална фаза е и фонтаната кај платото пред пензионерски дом“, информира Бочварски.
Во овој временски период обезбедено е улично осветлување за новите изградени улици, и тоа во населбите Сењак 3, во Блок 2000, во населба Баби. Уличното осветлување вкупно ќе чини 1.975.645 денари.
Локалната власт се фокусира на изградбата на детска градинка, за што Општина Штип издвојува 20.279.441 денари од општинскиот буџет, а државата партиципира со 16.592.269 денари.
„Во сите набројани проекти чија вкупна вредност изнесува 161.471.891 денари, Општина Штип партиципира со 142.780.543, а остатокот се добиени од државата. Во месец ноември, кога новата локална власт ја презеде одговорноста за Штип и општината,на сметката имаше само 3 милиони денари денари за сега, само десет месеци подоцна, да успееме да инвестираме 142.780.543 денари во инфраструктурни проекти . Се работи за проекти кои обезбедуваат долгорочниот раст и развој на нашиот град“, рече на прес конференција Бочварски.
Според „таткото“ на градот, тоа е вистински успех којшто граѓаните го препознавале. Бочварски укажа дека Штип конечно го доживува развојниот подем кој го заслужува. Тој вети дека актуелната општинска владеачка гарнитура ќе продолжи да се движи во иста насока со засилен интензитет и искрени и вредни заложби за унапредување на Штип.