Кочани, 08.08.2018
Завршија градежните активности за асфалтирањеулици во селата Прибачево, Мојанци, Грдовци, Долни Подлог, Горни Подлог и Тркање.
Новоасфалтираните улици се со должина од 100 до 190 метри и сите се со ширина од три метри, со веќе изведена водоводна и фекална канализација. Работите ги изведуваше градежната фирма „Коп инженеринг“ од Студеничани.
За изградбата на овие улици се наменија 2.672.000 денари од Буџетот на Општина Кочани.
Со постојана комуникација со месните заедници, стручните служби од Општината ги следат потребите од инфраструктурни зафати и во другите населени места. Од Секторот за уредување на градежното земјиште во Општина Кочани известуваат дека на улици каде што не може да влезе механизација за асфалтирање, како што е случајот со селото Бели, ќе се врши бетонирање на улиците. Во ридско-планинските села, поради честите врнежи од дожд во изминатиов период, се врши редовно пробивање и прочистување на патиштата.
Покрај тековните градежни работи на два крака на улиците „Стамен Манов“ и на „Вера Которка“, наскоро се очекува да започне асфалтирањето на улицата „Новопроектирана 1“ и реконструкцијата на дел од улицата „Јени Фоча“, и двете во Лесна индустрија. Во фаза на подготовка на тендерската документација е и изградбата на улицата „Кресненско востание“.