Рудникот „Бучим“ наградува осум проценти од вработените!
Радовиш, 28.08.2018
Денес е Ден на македонските рудари. Во единствениот рудник за бакар „Бучим“ кај Радовиш прославата започнува во 11 часот со поздравни говори до рударите, наградените работници и присутните деловни парнери и гости од целата држава.
На убавиот ден, а по убавиот повод, ќе говорат генералниот директор Васил Борутскиј, заменик генералниот директор Николајчо Николов и претседателот на рудничкиот синдикат Ванчо Коцев.
Претходно раководството на рудникот ќе има средба со новинарите на која ќе ги изнесе остварувањата на „Бучим“ во тековната година и плановите за иднина.
Најинтересен е фактот дека рудникот ќе им додели награди и признанија на дури осум проценти од вработените. Ќе бидат наградени 46 работници, три смени и шестмина раководители.
„Нашето раководство одсекогаш знаело да го валоризира трудот на нашите рудари, на сите вработени. Празникот е убава прилика за оддавање признанија на оние кои со својот квалитетен труд придонеле и придонесуваат за остварување врвни производствени, а со тоа и финансиски резултати“, за istokpress.mk вели синдикалниот лидер Ванчо Коцев.
Целиот настан ќе се одржи во платото пред управната зграда на рудникот, а гостите ќе можат да уживаат во настапот на КУД „Бучим“-Радовиш кој со македонски ора и песни ќе ја отвори прославата.