Штип, 28.09.2018
Во Штип започна изградбата на нова детска градинка за 200 деца. По цели 30 години ова е првата нова градинка во градот под Исарот. Градинката се гради во населбата „Сењак“, една од најмладите урбани заедници во грдот, во која жиеват најголем број млади домакинства со мали деца на кои им е потребно квалитетно сместување во градинка.
Денеска градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, оствари увид во почетокот на изградбата на детската градинка. Според Бочварски станува збор за еден од најважните капитални објекти коишто новата локална штипска власт им ги вети на граѓаните во предизборието, а само десет месеци подоцна, после темелна и на закон целосно заснована постапка, започна изградбата на овој важен објект.
„На мое големо задоволство денеска започнуваме со изградба на детската градинка во населба „Сењак“, еден од најважните капитални проекти за Општина Штип, којшто го ветивме во предизборната кампања. Ваков објект триесет години не е изграден во нашата општина. За само десет месеци од преземањто на локална власт, еве веќе сме подготвени и денеска официјално започнуваме со изградба на новата градинка“, рече Бочварски.
Се работи за еден прилично скап проект кој изнесува околу 50.000.000 денари, односно околу 800.000 евра. Седумдесет проценти од оваа сума се средства обезбедени од буџетот на Општина Штип, додека околу 30% од ИПР преку Биро за рамномерен и регионален развој.
„Ова е многу важен проект за нашиот град. Вакви проекти изостануваа и недостасуваа изминативе години во нашата општина. И токму затоа борбата беше капиталните проекти да бидат во преден план. Денеска на дело покажуваме дека Општина Штип има капацитет и може и треба да гради ваков тип на објекти“, посочи штипскиот градоначалник.
Тој на градителите им посака успешна и среќна работа појаснувајќи дека за една година објектот во кој ќе бидат сместени околу 200 дечиња ќе биде готов
Новата детска градинка ќе биде изградена по сите стандарди кои ги пропишува законот за ваков вид на градби. Нејзината површина изнесува 1498.85 м2.