Делчево, 05.10.2018
Сто педесет дечиња од детските градинки од Источна Македонија денеска во Делчево се натпреваруваа во детските „Игри без граници“. Годинава во организација на делчевската детска градинка „Весели цветови“, а по повод Светската недела на детето, регионалните детски игри во Источна Македонија ја бележат петта година на традиционалните игри и успешното инкорпорирање на спортот во образованието и воспитувањето на децата од најмала возраст.
Директорката на градинката Билјана Симовска истакна дека целта на овие спортски игри „Игри без граница“ е преку игра и другарување да се создава љубовта кон спортот, но и да се придонесе кон правилен психофизички развој кај децата уште од најмала возраст, но и да се поттикне натпреварувачкиот дух кај најмладите.
На отворањето на детските спортски игри присуствуваше претседателот на Советот на Општина Делчево, Драган Маневски, кој потенцираше дека детските игри се едно посебно царство на игри без граници, колку и да има влијание современиот начин на живот, децата не смеат да ја заборават играта, со неа тие растат и го учат животот.
-По повод Светската недела на детето и како претставник од Советот на Општина Делчево денеска уште еднаш ги промовирам заложбите на Општина Делчево- да градиме општество во кое ќе создаваме услови за правилен раст и развој на нашите деца, општество богато со детски насмевки и игри, а со тоа бескомпромисно вложуваме во нашата иднина.Тоа нема алтернатива. Во оваа смисла како Општина се залагаме за почитување на правата на децата и тие се на прво место во нашите скалила на приоритети, рече Маневски.
На регионалните игри присуствуваа дечиња на возраст од 5 години од детските градинки од Пробиштип, Штип, Свети Николе, Кочани, Чешиново Облешево, Виница, Македонска Каменица, Берово, Пехчево и Делчево. Дечињата се натпреваруваат во пет игри: игри во парови со дрвени палки и топче, тркалање топка со препрека, скокање во вреќа- штафетна игра, игри во парови со обрачи и влечење јаже. За сите екипи се обезбедени пехари, медали и благодарници.
101 прваче станаа…
Со пригодна свеченост организирана од повозрасните ученици, во двете основни училишта во Делчево сто и едно прваче станаа членови на Светската детска организација. Свечено облечени и насмеани, тие јавно, пред наставниците, родителите и учениците дадоа ветување дека ќе бидат примерни ученици кои ќе го ценат другарството и наставниците и низ игра ќе созреваат во животот.
Во ООУ „Ванчо Прке“ 52 дечиња станаа членки на светската организација, а директорот на училиштето, Горан Велков им го честиташе зачленувањето истакнувајќи дека децата се наше најголемо богатство , гордост, радост и наша иднина.
-Сите деца имаат еднакви права и на сите треба да им се даде неопходна поддршка и да им се овозможат еднакви можности. Одговорноста за децата е на целата заедница, на сите нас, рече Велков.
Во ООУ „Св. Климент Охридски“, 49 дечиња дадоа заклетва, а директорот Горан Димитровски потсети дека светот останува на децата и дека претставува предизвик да ги научиме на вистинските вредности во животот.
Денешните активности се во рамките на одбележувањето на Детската недела во Р. Македонија, актуелна во сите држави членки на ООН во првата недела од месецот октомври.