Една деценија успешна работа на Регионалното Здружение на ветерани од одбраната и безбедноста за општините Охрид, Дебрца, Дебар, Маврово Ростуше и Ресен
Охрид, 24. декември 2018
Регионалното Здружение на ветерани од одбраната и безбедноста за општините Охрид, Дебрца, Дебар, Маврово Ростуше и Ресен, денеска, ја заокружи првата и влезе во втората деценија од своето постоење, како едно од најактивните и најмасовните во републичката организација.
Присутните во преполнетата сала, најнапред, со едноминутно молчење му одадоа почит на прерано починатиот градоначалник на Охрид д-р Јован Стојаноски, кој им беше близок соработник, почитувач и содејник.
Во работата на собирот учествуваше и градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, додека празното место на д-р Стојаноски, со своето присиство и работа, го пополни неговиот близок соработник и пријател, познатиот режисер Илија Пиперкоски.
Претседателот на Здружението, полковник Добре Вељаноски, посебно ја нагласи соработката со починатиот градоначалник Јованоски, со кого, заедно, во март годинава, ја организираа манифестацијата „Езерска средба, Охрид – 2018“. Која ќе биде традиционална, а од година ќе се одржува на два пати – во Охрид и Поградец, Албанија. Вељаноски ја потенцираше и секојдневна и сеопфатна соработката со Здружението на борците и поддржувачи од општините Охрид и Дебрца.
– Со особено задоволство, ја нагласувам секојдневна и сеопфатна соработката со Здружението на борците и поддржувачи , особено на планот на негувањето и афирмацфијата на револуционерните и борбени традиции. Во општина Дебрца, оспособивме 4 спомен објекти, како наш придонес за одбележување на настаните од НОВ: Спомен соба на НОВ во Дебрца (Белчишта), Спомен дом на Првата македонско косовска борбена бригада во Сливово, Спомен дом на ГШ на НОВ и ПОМ во Црвена Вода и Спомен соба на Шестата бригада и баталјонот „Мирче Ацев“ во селото Годивје, рече Вељаноски.
Регионалното Здружение на ветерани од одбраната и безбедноста за општините Охрид, Дебрца, Дебар, Маврово Ростуше и Ресен, развива плодна мегународна соработка, пред се, со соседните земји.Се разменуваат посети на делегации, студиски престоји, додека на „Езерска средба, Охрид – 2018“, присуствуваа претседателите на националниоте здруженија на ветераните од Бугарија – генерал Топалов, на Албанија – генерал Кондури, претставници од Србија и други гости.
На денешниот собир во Охрид, градоначалникот на општина Дебрца, Ногачески нагласи дека ветераните секогаш ќе добиваат поддршка за проекти кои ја интензивираат прекуграничната и регионалната соработка и отвораат можност за заеднички настап со проекти пред европските фондови. Со тоа, рече Ногачески, ветераните ги унапредуваат соработката и разбирањето на народите од соседните пријателски земји во реализацијата на плановите и активностите на општините, ги промовираат, а сето тоа за добробит на нашите граѓани.
Регионалното Здружение на ветерани од одбраната,со седиште во Охрид, за најактивно и најбројно го претставува и претседателот на Зружението на ветерани од одбраната и безбедноста на Република Македонија, генерал Филип Котели, кој става акцент на заедничкото делување на ветераните и младото членство, додека за резултатите рече дека се плод на искуството, младоста и ентузијазмот.
– Иако сме формирани само пред една деценија, нашата асоцијација,со 13 ограноци во земјата и со над 1.400 членови, инцира бројни форми на зближување на земјите и народите. Многу блиску соработуваме со албанската асоцијација, на кој план е најактивно членството од Охрид, потоа со Бугарија, Србија, Хрватска, Србија, Словенија и Романија. Се поврзуваме и со нашите колеги од БиХ и Унгарија. Особено ме радува што во активностите предничи охридското здружение, од градот во кој и самиот сум се родил – нагласува генерал Котели.
Веле Митаноски