Рудниците „Злетово“ и „Тораница“ со одлични резултати

Пробиштип, 28.12.2018

Врз основа на податоците добиени од Централниот регистер на Македонија, а објавени во едицијата „200 најголеми и најуспешни“ компанијата „Булмак“ со седиште во Пробиштип е најбрзорастечка компанија во 2017 година во државата. Таа е на 133 место во друштвото на двестате најголеми компании и е на 32 место по успешност во ова стопанско друштво. Оваа компанија ги поседува рудниците за олово и цинк „Злетово“ во Пробиштип и „Тораница“ во Крива Паланка. Овие факти  за успешноста на овие стопански субјекти од областа на рударството ја изненадија јавноста посебно во местата во кои се двата рудника бидејќи досега од „Булмак“ ретко излегувале информации за нивното работење во македонските рудници.

Гоце Мојсоски, управител на „Булмак“ вели дека ваквите резултати се плод на неколку важни параметри. –„На прво место се довербата и силната подршка на претседателот на бордот на Директори, проф. Д-р. Николај Валканов и деловната и бизнис ориентација на нашата компанија-мајка, “Минстрој Холдинг А.Д.“ од Софија. Потоа, од посебно значење за овој успех е и фактот дека потенцијалите и можностите кои ги нуди рударството како економска гранка во Република Македонија се големи, а на трето место ги ставаме инвестициите во нова, технолошки современа рударска опрема проследена со посветеноста, ангажманот и знаењето на сите наши вработени во „Злегово“ и „Тораница“, вели управителот Мојсоски.

rudnik_zletovo 1„Булмак“ за период од половина година ги рестартира двата рудника и со работа отпочна во месец октомврри 2016 година. Во моментот на отпочнување со деловниот процес во рудниците имаше 510, а на во моментов во нив работат 780 работници. Во тековната година во однос на 2017 „Злетово“ и „Тораница“ произведоа за 105.600 тони руда и за 5.200 тони концентарт повеќе во однос на 2017 година.

-За овие вкупно 27 месеци од работењето во двата рудника инвестиравме 19 милиони евра. Ги реконструиравме производните капацитети, набавивме квалитетна и современа рударска опрема и машини, а сето тоа, заедно со стручноста и посветеноста на нашите рудари, го даде овој резултат. Но, ние сме оптимисти во поглед на уште поубавата иднина на рудниците во Пробиштип и во Крива Паланка. Имено, паланечко-злетовскиот регион за нас е од исклучителен интерес. Ние во континуитет вршиме геолошки истражувања, а тие ни укажуваат дека на овој простор има значителни резерви од олово – цинкова руда. Сакам да истакнам дека за нас истражувањето е многу важна фаза во планирањето и експлоатацијата на рудниците и поради тоа ова е процес во вложуваме многу знаење и ресурси, вели Мојсоски.

Последниве месеци во „Тораница“ се случија повреди на двајца рудари. Веднаш потоа тргна приказната дека „Булмак“ не вложува доволно во безбедноста на рударите во своите јами. Но, управителот Мојсоски ги отфрла ваквите укажувања.

-Го поканувам секој кој има било какви резерви во однос на безбедносните услови при работа во овие наши рудници да дојде  и да види во какви услови работат нашите рудари. Безбедноста на рударите за нашата компанија е услов над сите услови. Секој наш рудар ја има најдобрата заштитна опрема за работа, има топла и сува гардероба…За условите кои ги диктира природата можам одговорно да тврдам дека на нив континуирано се работи, а истите се третираат со помош на механизација  и со соодветна опрема, а се со цел да се намалат ризиците кои постојат во оваа професија. Ние покрај во опрема, во континуитет инвестираме и во обука на рударите за безбедност и заштита при работа,постојано делуваме во насока на развој и создавање максимално поволни слови за работа, посочува Мојсоски.

Во двата рудници, според нашиот соговорник, хидројаловиштата не се проблем бидејќи и и двете хидројаловишни депонии биле во одлична кондиција и засега нема,ло потреба од размислување за нови.

„Во двете општини покажуваме силна општествена одговорност кон заедниците. Соработуваме и развиваме општествени сегменти и во Пробиштип и во Крива Паланка. Не би сакал поименично да спомнувам разни сегменти кои сме ги подржувале од едноставна причина што сите чекори кои сме ги правеле биле поттикнати од нашата добра намера да бидеме одговорна компанија кон сите оние на кои нашата подршка им била потребна“, коментира Мојсоски.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе