Пехчево, 12. Јануари, 2019
По долги години културен пост Пехчево, од почетокот на годинава, започна да си ја враќа културната сцена во градот. Програмата за настаните од областа на културата е во изработка, а за неа одговорноста ја носи Домот на култура „Јане Сандански“.
-Во изминатите дванаесет дена имавме два големи културни настани со кои најавивме нова филозофија во областа на културата. Го вративме киното во градот со прикажување на филмот „Исцелител“ кој беше наш кандидат за Оскар. Настанот се случи на 4 јануари, по долга пауза на филмски проекции имавме публика за овој филм со што се покажа дека нашите граѓани имаат потреба од културни настани. Вчера го имавме вториот настан со изложба на уметничката Лена Ѓуриќ од Штип која пред пехчевци својата уметност ја претстави преку 31 дело, вели Ана-Марија Теохарова, директорка на Домот на култура „Јане Сандански“.
Во плановите на оваа културна институција е враќање и на театарот преку гостувања на театри и формирање театарска група при Домот. Теохарова вели дека наскоро ќе го поканат Штипскиот театар да им гостува со некојка од своите претстави.
„Народниот театар во Штип ни е најблиску и цениме дека тој треба преку остварување на регионалната компонента со секоја своја претстава да гостува и во нашиот град. За ова ќе разговараме со одговорните во Штип“, вели Теохарова.
Пехчево го има прочуенито Фестивал на дувачки оркестри но самиот град нема таков свој оркестар. Со програмата се предвидува негово формирање преку формирање на музичка секција, а во програмата е и формирањето на играорна група.
-Во некои минати години Пехчево беше познато по својот мандолински оркестар. Во преговори сме со ОУ „Ванчо Китанов“ да го вратиме ваквиот оркестар во нашето место, во што планираме да ни се придружат и најмалите од детската градинка како и средношколците од дисперзираните паралелки на гимназијата од Берово. Како Дом на култура имаме скромен буџет од само 1,2 милиони денари, но ја имаме силната поддршка на Советот на општината и на градоначалникот, па сме убедени дека жителите на Пехчево ќе имаат можност да уживаат во разновидни културни проекти во оваа и наредните календарски години, тврди директорката Теохарова.