Штип, 23.01.2019
Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип се вклучува во активностите за реализација на проектот „Геопарк Лесново“, преку соработка со Центарот за развој на Источниот плански регион и општините Пробиштип и Кратово. За таа цел, беше потпишан Договор за Истражувања и подготовка на досие за апликација на геопарк Лесново за членство во Глобалната мрежа на геопаркови при УНЕСКО со Центарот за развој на Источен плански регион. Универзитетот „Гоце Делчев“ во проектот се вклучува со свој експертски тим, составен од професори и експерти од областа, засилен и со други истражувачи, изјави ректорот на УГД, академик проф. д-р Блажо Боев:
–Мислам дека ова е иницијатива која е важна за нас, бидејќи може да имплементира знаење кое е стекнато во последните 40-50 години од оваа проблематика, и мислам дека е исклучително важно што токму оваа институција е избрана да ја води оваа иницијатива, во поглед на развојот на капацитетите за првиот Геопарк во Р. Македонија, а одбран е регионот меѓу Пробиштип и Кратово. Бидејќи станува збор за регион кој има исклучителни елементи во делот на геонаследството, како и стара вулканска активност која дава исклучително морфолошки облици од една страна, а од друга страна големо културно наследство. Универзитетот располага со енормно знаење заедно со другите учесници во проектот како што се Природно математичкиот факултет во Скопје, МАНУ, значи еден тим кој е компетитивен. Ние не водевме сметка да бидат вклучени само кадрите на УГД, туку се вметнати кадрите од цела Македонија кои имаат знаења од оваа област и можат да помогнат на оваа прва иницијатива која треба да придонесе македонското геонаследство да влезе во плановите на УНЕСКО. Затоа мислам дека УГД не штедеше на ангажирање на кадри, ги одбра најдобрите, ние сме подготвени ова да го реализираме и дека донаторите нема да зажалат за тоа што го избраа УГД за да ја реализира оваа активност. Мислам дека ова нема да биде последниот геопарк, најмалку уште два ќе има – едниот секако е Алшар, а другиот во Западна Македонија, и на таков начин ќе може да се оформи и мрежа на геопаркови во Македонија.
Проектот Геопарк Лесново е финансиран од Швајцарската агенција за соработка и развој, преку Програмата за зачувување на природата во Македонија. Тим лидерот на оваа Програма, Маријана Шушлевска, истакна дека оваа програма веќе 6 години се реализира во Источниот плански регион, поконкретно во долината на реката Брегалница:
–Денешниот договор се однесува на изработка, односно поддршка на двете општини во изработка на досието потребно за номинација на Лесново и околината за прв геопарк во РМ. Мрежата на геопаркови, како што веќе спомена и ректорот, е под заштита на УНЕСКО, и навистина, во досегашниот период на голем број на состаноци , размена на искуства со земји кои се многу понапред од нас во оваа област одлучивме да ја поддржиме оваа иницијатива, пред се поради природните вредности со кои располага, но исто и заради економскиот развој, развој на туризмот на овие две општини кои располагаат со навистина големи ресурси за развој на еден одржлив туризам кој треба да се негува во овој регион. Како претставници на донаторот сме горди што се избра еден солиден тим, кој е најдобриот во Македонија и кој треба да помогне на Пробиштип и Кратово да го започнат тој прв чекор, а тоа е изработка на потребната документација која е неопходна за номинацијата во УНЕСКО – изјави Шушлевска.
Програмата за зачувување на природата во Македонија го финансира проектот со 200.000 франци, со тоа што помалиот дел е околу обезбедување на информациите за пополнување на досието. Крајниот рок за изготвување на досието е крајот на оваа година.
На потпишувањето на договорот присуствуваа и градоначалниците на Пробиштип и Кратово.
–Немаме сомнение дека експертите од УГД ќе изготват квалитетна апликација и се надевам дека наесен ќе имаме можност Лесново да го номинираме како прв геопарк од Македонија во мрежата на УНЕСКО. Впрочем можеме да кажеме дека во поновата историја на општина Пробиштип е и најголемиот дел од развојот на туризмот, но со геопаркот ќе можеме да си ги зачуваме и вредностите кои ги имаме како Лесново, но и имаме огромна можност за развој на туризмот како на Лесново, така и на општина Пробиштип – изјави градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов.
Според градоначалникот на Кратово, Љупчо Бојаџиев, добро е што проектот ја има поддршката на УНЕСКО, како и вклучувањето наУГД:
–Се надевам дека ова ќе биде успешно реализиран проект, не е прв, не е нешто ново во Европа, но кај нас е нешто ново, пионерски потфат, што ќе биде предизвик и за нас и за експертите да го реализираме успешно, се со цел промоција на сите наши вредности и предности кои ги имаме, пред се за развој на туризмот.