Делчево, 29.01.2019
Триесетина средношколци од Делчево, М. Каменица, Пехчево, Берово и Виница, во придружба на наставници и претставници од општинската администрација, на почетокот на идниот месец ќе го посетат Брисел и Европскиот парламент. Посетата на европската престолнина ќе се организира од 4 до 6 февруари, а целта на патувањето е учениците да се запознаат со работата на Европскиот парламентот и европските пратеници, начинот на донесување закони и одлуки, а планирани се и средби со европратеници.
Оваа посета на Европскиот парламент се реализира на покана од потпретседателот на Европската народна партија и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев и на иницијатива на нашиот сограѓанин Венци Димитровски, а патувањето е финансиски поддржано од Фондацијата „Бугарско сеќавање“ од Софија на д-р Милен Врбевски.
Како што истакна Венци Димитровски, во Брисел ќе патува и втора група ученици. Согласно со планираната програма, втората група ученици од регионот ќе го посетат Брисел во текот на месец април.
Инаку, соработката со Фондацијата „Бугарско сеќавање“ на д-р Милен Врбевски и Општина Делчево продолжува во делот на образованието и надградбата на капацитетите на наставниот кадар. Во текот на идниот месец наставен кадар од делчевската гимназија и од детската градинка „Весели цветови“ ќе ја посетат приватната гимназија и приватната детска градинка во Софија основани од Фондацијата.