М.Каменица, 06.02.2019
По изложбите во Берово, Делчево и Пехчево одржани во последните три месеци, штипската ликовна уметничка Лена Ѓуриќ утре своите дела ќе ги претстави пред граѓаните на Македонска Каменица.
И на оваа изложба Лена ќе се претстави со 31 дело создадени во нејзината креативна уметничка работилница.
-Моето задоволство е неверојатно поради фактот дека на покана на домаќините изложувам и во таканаречените „мали места“ во кои духот на уметноста опстојува на еден поинаков, многу квалитетен начин. Во Берово на Аурора рисорт и спа центарот на Беровско езеро, во Делчево во Центар на култура „Никола Ј. Вапцаров“, во Пехчево во Домот на култура „Јане Сандански“ на отворањето имав неверојатна публика која ја сака уметноста. Убедена сум дека утре, точно на пладне, такви моменти ќе има и во Македонска Каменица, вели Лена.
Изложбата ќе биде отворена точно во 12 часот во Домот на култура, а во организација на КИЦ „Романса“ како дел од оваа институција.
-Му дадовме едно ново значење, една нова боја на културниот живот во нашиот град. Во 2018 година имавме 76 настани од областа на културата, и на сите нив имавме голема посетеност од граѓани, ученици, рудари, а и од луѓе кои случајно или намерно се нашле во Македонска Каменица. По цели 13 години пост имавме кино со прикажувањето на Исцелител за кој филм салата беше претесна, имавме пормоции на книги, ликовни изложби, театарски претстави, музички настапи, фолклор, концерти на сериозна музика, вели Горан Огненовски, директор на Домот на културата.
Првиот човек на културата во рударскиот град вели дека изложбата на Лена ја очекуваат со големо нетрпение и љубопитност.
-За оваа изложба во градот постои голем интерес и сум убеден дека тоа ќе биде еден од врвните културни настани кај нас. Сакаме изложбата да остане во нашето место најмалку 14 дена и сум убеден дека за такво нешто лесно ќе се договориме со уметничката, вели директорот Огнановски.