Свети Николе, 21,06.2019
Во амфитеатарот на Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Фержавин“ во Битоала беше промовирана книгата „Основи на WEB технологии“ од проф. Д-р Хаџиб Салкиќ. Промотори беа Доц. Д-р Жанета Сервини и проф. Д-р Махир Зајмовиќ.
Промоторот Жанета Сервини истакна:
„Животот ти го дава тоа за што ќе се вложиш. Ехото е бумеранг на она во што силно веруваш. Сонувањето не може никој да ти го цензурира. Тоа е единствената работа што е само твоја. Сонот на проф. Д-р Хаџиб Салкиќ се оствари. Тој сонуваше за свет во кој младите ќе може да бидат информирани и едуцирани за современите случувања во светот на информатиката. Со издавањето на оваа книга неговиот сон да биде дел од тоа едуцирање на младите стана реалност.
На почетокот Сервина се задржа на кратката биографија на авторот, кој посетувал постдиполмски студии на Факултетот за информациони технологии на Паневропскиот Универзитет во Бања Лука, каде се стекнал со својата магистерска и докторска титула.
Вработен е на Универзитетот Витез, Босна и Херцеговина, каде предава предмети од областа на компјутерските науки. Моментално ја извршува должноста Декан на Факултетот за информациони технологии. Предава и предмети токму на нашиот Меѓународен Славјански Универзитет на Факултетот за Информатика. Има напишано повеќе од 40 научно истражувачки трудови од областа на компјутерските науки и електронскиот бизнис. Има објавено неколку стручни книги. Главен и одговорен уредник е на научно – стручното списание „International journal of information and communication technologies“, на Факултетот за информациони технологии на Универзитетот Витез и на Тамбовскиот универзитет „Державин“. Раководител е на одделот за дигитална форензика, сопственик на фирма „IT Solutions“ и Претседател на „Асоцијацијата за информациони технологии“.
Книгата „Основи на WEB технологии“ е издадена оваа, 2019 година и има за цел да ги демонстрира можностите за користење на денешните WEB технологии и тенденциите за нивниот развој преку обработување на неколку целини избрани како теми од страна на авторот.
Повикувајќи се на рецензиите на рецензентите на книгата, промоторот истакна дека книгата „Основи на WEB технологии“ е освежување во областа на ВЕБ технологиите во современото живеење на овие простори, кога навистина се чувствува недостатокот од стручна литература во домен на компјутерските технологии. Обработените теми ќе им бидат корисни и на студентите, и на професорите, но и на сите инжинери и лица од други професии, кои сакаат да се запознаат со основите на работењето на интернетот, како и со примената на веб алатките.
Книгата е напишана на 420 страници и опфаќа 27 теми и дава значаен придонес во професионалната литература. Ова е книга која се чита со внимание. Содржината на книгата е интересна, полна со корисни информации, напишана со стил кој цело време го држи интересот на читателот на високо ниво. Ги опфаќа најважните и најактуелните области на Информатиката денес. Темите се систематски и внимателно избрани и истите се детално и сеопфатно разработени. Со својата сеопфатност и комбинација на теоретски знаења и практично искуство на авторот, книгата претставува единствен извор на знаења наменети и за едукација на студенти, почетници и професионалци кои се занимаваат и со дигитален маркетинг. Очигледно е дека Проф. Др. Хаџиб Салкиќ вложи многу време и труд за оваа комплексна и значајна област во исто време да ја систематизира, осовремени и да ја доближи до читателот на многу јасен и транспарентен начин. Книгата е достапна во двата кампуси – Свети Николе и Битола на Меѓународен Савјански Универзитет.
(Статијата е превземена од Bitola News)