Делчево, 20.09.2019
На петнаесет штандови богати со најразлични вкусни производи од сливи денеска се славеше традицијата. На едно место се вареше ракија, се подготвуваше мармалад и слатко, а се дегустираа и вкусните производи обогатени со сливи и изложени на продажните штандови. Во манифестацијата се вклучија сите образовни институции во Делчево, локални институции и здруженија на граѓани, а учениците од СОУ „М.М. Брицо“ подготвија и ликовна колонија на тема „Пијанечка слива“. Свои производи на штанд понуди и најголемиот откупувач и преработувач на овошје во регионот „Рудине ММ“.
Манифестацијата ја отвори градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, кој се заблагодари на учесниците за нивното учество во манифестацијата со што сите заедно даваат придонес во промоција на наслеството и традицијата поврзана со сината слива.
– Убаво е да се потсетиме со традицијата која обединува многу генерации во Пијанец и со свои очи нашите деца и млади, да го видат процесот на производство на добра делчевска сливова ракија и да го осетат вкусот на мармаладот, слаткото или убавите и слатки производи обогатени со ова овошје. Верувам дека подготвените специјалитети од сливи не се непознати за новите генерации, но ние како Општина имаме обврска да го продолжуваме животот на вредната традиција и да испратиме порака дека традицијата е тоа нешто кое ни го дава идентитетот и ни ги чува корените, рече Трајковски.
Од изложеното богатство, Комисијата одлучи наградата за најубаво уреден штанд во знакот на сливата на овогодинешните „Пијанечки денови на сливата“ да ја додели на учениците од СОУ „Методи Митевски Брицо“ кои традиционално штандот го збогатија и со ликовната колонија, наградата за највкусен мармалад ја добија учениците од ООУ „Св.Климент Охридски“.
Епитетот највесела ракија, годинава ја поделија ракиите подготвени од Славе Никовски и Венко Синадинов, а второто место го поделија Драги Васев и претставниците од ООУ „Св.,Климент Охридски“ . Наградите се во износ од 6 илјади денари , односно 4 илјади за второпласираните.
Инаку, традицијата на производство и преработка на сливата во Пијанец ја почитува скоро секое семејство и таа има длабоки корени. Според истражувањата на пијанечкиот Цепенков, Димитар Узунски, посебно е карактеристичен периодот на почетокот на 20 век, кога се создале големи бавчи со сина слива.
-Расадот е донесен од Банско- Бугарија, затоа и е наречена банска слива. Потоа, овоштарите сами почнале да си произведуваат насади. Сината слива ја имало толку многу што останувала необрана и до паѓањето на првиот снег. Во тој период, до 1940 година, се изградени многу сливарски фурни за печење на сината слива, истакнува Узунски.
Манифестацијата беше збогатена со настап на децата од детската градинка „Весели цветови“, учениците од ООУ „Ванчо Прке“ и ООУ „Св.Климент Охридски“, како и играорците од ФГ „Никола Јонков Вапцаров“ и од КУД „Гоце Делчев“.
Во Пијанец има над 252 илјади садници со сини сливи засадени на околу 700 хектари.