Свети Николе, 01.10.2019
И на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе и во Битола се одржа првиот академски час. На новите студенти во Свети Николе почетокот на академската учебна година им го честита ректорот, проф.д-р Ленче Петреска.
„На пазарот на приватното високо образование постоиме цели 15 години, време во кое МСУ продуцира кадри од повеќе сфери кои го комплетираа начинот на живот. Вие сте шеснаесетта генерација која ќе биде украс во нашите клупи, генерација која ќе се соочи со предизвиците на високото образование преку кое ќе го остварите вашиот сон. Познато е дека со добро образование ќе го подобрите вашиот живот, дека ќе ја подобрите вашата перспектива, ќе ги зголемите вашите способности, им порача Петреска на новите студенти.
Таа потенцира дека на МСУ не случајно е создадено академско опкружување каде што се реализираат идеите и проектите на студентите, каде што теоријата и праксата стануваат едно, а секој од студентите може да ја открие својата креативност.
„Самиот факт дека Вие се определивте вашето образование да го продолжите токму на нашиот Универзитет покажува дека вие сте зрели личности кои секогаш го бараат и го избрале најдоброто за себе и своето образование. Сакам само да ви напоменам дека постојано ни е потребен потсетник за тоа што навистина значи да имате иницијатива, да имате инспирација, што значи да остварите цел, да направите нешто од својот живот. Верувајте, не е лесно. Работа, кариера,приватен живот, препреки, искушенија, но вербата во себе и во тоа што го работите е клучниот фактор за успех во животот на секое поле“, рече ректорката Ленче Петреска.
Потоа деканите на петте факултети на новите студенти им ги поделија индексите како и папки со сите потребни работи како водич низ МСУ.
Интересна новост беше тоа што додека во Свети Николе траеше церомонијата, присутните на видео бим може да гледат како тече церемонијата и во Битола.