Кочани, 07.10.2019
Кочанскиот огранок на Здружението „Борка“ ѝ се придружи на розовата прошетка под мотото „Напред розово 2019 – чекори против ракот на дојка“, настан што по 11 пат се одржа во Скопје.
– Идејата е низ пешачење од неколку километри да се подигне свеста за важноста од рана дијагноза како основен предуслов за победа над ракот на дојка. „Напред розово 2019 – чекори против ракот на дојка“ и оваа година има добротворен карактер. Собраните средства од продажбата на розови маички одат за реализација на годишните активности на Здружението „Борка“, за обезбедување психосоцијална помош и поддршка за болните од рак и нивните семејства, обезбедување перики за жените со низок социјален статус кои примаат хемотерапија, одржување на бесплатната СОС-линија за помош и поддршка – извести Валенти Андонова, координаторка на „Борка“ во Кочани и член на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените во Советот на Општина Кочани.
Според Андонова, секоја година во Розовиот марш се вклучуваат нови поддржувачи од Кочани, а значајно е и тоа што меѓу нив се и доктори специјалисти и други медицински лица. „Борка“ од Кочани заедно со Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ќе работи на проширување на активностите за подигање на свеста за превенција од тешките болести.
Учеството во Розовата прошетка е овозможено со средства од општинскиот буџет.