ШТИП: Дали градот има проблеми со амбиенталниот воздух?
Штип, 10.12.2019
Пред два дена, на 37 минути по полноќ (помеѓу 8 и 9 о.м.) во Штип се измерени 400 микрограми цврсти честички на метар кубен. Бидејќи оваа појава за градот под Исарот е многу ретка, дојде до возбуда кај дел од граѓаните кои покажаа загриженост за своето здравје поради состојбата со амбиенталниот воздух.
Низ градот се проширија информации дека загадувањето дошло како резултат на горење на цврст отпад од непознато потекло кој бил донесен од Скопје и складиран на штипската депонија, зашто на скопската депонија таков материјал не смеел да се пали. Други оваа појава ја препишаа на загадување на воздухот до кое дошло од штипски фирми кои ја искористиле ноќта спроти тридневното празнување да се ослободат од материи од кои, согласно законската регулатива не смееле на ваков начин да се ослободуваат.
-Нема вистина во тоа што ЈП Исар преку депонијата со која управуваме се споменува во една ваква приказна. На депонијата немаше и нема ништо повеќе од она кое вообичаено таму се работи, гласеше кратката изјава на Живко Тасев, директор на ова јавно претпријатие.
Го посетивме најмеродавното место за одговор на ова прашање-универзитетот „Гоце Делчев“ чии стручни кадри поставија мерни станици за воздухот во четири градови во државата, меѓу нив и во Штип. Штипската мерна станица се наоѓа на зградата на општината, во самиот центар на градот.
-Нема никаква причина за возбуда зашто во Штип не се случи ништо што и порано, во определени денови од годината, не се случувало во однос на квалитетот на амбиенталниот воздух. Во тие денови кога се измерени 400 микрограми тврди честички на метар кубен, Штип беше без својот препознатлив ветер кој го „чисти“ градот од загадување, а кој ветер му овозможува на Штип да биде еден од градовите со најдобар квалитет на воздухот. Загаденоста доаѓа од печките на дрва, што е проблем и во многу други места, вели проф.д-р Дејан Мираковски.
Според Мираковски, кога е во прашање амбиенталниот воздух споредби се прават на период од 24 часа или на годишно ниво. Податоците кои се даваат за состојбата во еден час служат само на луѓето со астма или други болести да ги затворат прозорците на своите домови.
-Печките на дрва се најголемите виновници и ништо друго, тврди Мираковски. Просечното присуство на пм честички во текот на 24 часа на 8 овој месец изнесуваше 146.4 микрограми на метар кубен. Ако оваа бројка ја имаме подолго од 35 дена во годината тоа ќе значи дека имаме проблем со воздухот. Но, Штип, во текот на годинава имал само десет вакви денови, и тоа говори дека градот, во поглед на квалитетот на воздухот е во ред, тврди Мираковски.
Професорот укажува дека конечното решение треба да се бара во гасификацијата, а во меѓувреме семејствата и институциите кои користат дрва за греење да се префрлат на пелети или на клими инвертери.
Се под 50 микрограма микрoчестички на метар кубен е добра состојба на воздухот, а денес напладне во Штип се измерени 48 мкг/м3 , во Кавадарци помеѓу 60-100 (има две мерни станици), во Прилеп 70 а во Струмица дури 180.