ШТИП станува прв „Зелен град“ во Македонија?
Штип, 10.12.2019
Општина Штип е на добар пат да стане првиот „Зелен град“ во нашата држава.
За такво нешто градот ќе аплицира со соодветен проект до Организацијата ,,Фао” за добивање на десет милиони евра кои ќе ги инвестира за Енергетски ефикасни фасади за намалување на тенденциите на загадување и потрошувачката на електрична енергија, фотоволтаици, замена на сите котли на институциите кои денес се најчесто на нафта. Договор за соработка на овој план денес потпишаа градоначалникот Бочварски, ректорот на УГД академик Блажо Боев и Драгица Здравева, раководител на Центарот за развој при Источниот плански регион.
,,Една убава иницијатива креирана од повеќе субјекти (Општина Штип, Источниот плански регион и универзитетот „Гоце Делчев“) потпишавме договор за соработка во поглед за апликација во Зелен фонд за финансирање на одредени проекти за намалување на емисијата на штетни гасови. Во поглед на тоа идејата ни е да извршиме замена за некои инсталации во Универзитетот во поглед на греењето бидејќи нашите котли моментално работат на нафта. Идејата е да се заменат со гасот кој што сигурно доаѓа во овој регион” , изјави академик Блажо Боев, ректор на Универзитетот,, Гоце Делчев’.
Во овој проект се вклучени повеќе институции кои со заеднички сили , знаење и ресурси ќе го направат првиот чекор кон тоа Штип да стане првиот ,,Зелен Град”
,,Денеска ја потпишавме иницијативата на еден Конзорциум составен од 16 институции во Општина Штип вклучувајки го Универзитетот ,, Гоце Делчев” ,ИПР сите основни , средни училишта. Во иднина ќе се заложиме да аплицираме со сериозна поддршка од Универзитетот и неговите капацитети, а се со цел да аплицираме во фондот на Oрганизацијата ,,Фаo” на Обединетите нации со седиште во Рим кој фонд веќе има објавено повик. Настапуваме како сериозна целина, Штип е сериозен центар на Истокот и токму поради тоа покажуваме капацитетност да аплицираме. Верувам дека ќе бидеме сериозен конкурент на тој повик, рече градоначалникот Благој Бочварски.
Тој посочи дека половина милион евра ќе биде инвестиција на општинските институции и тоа во проектна и техничка документација, а останатите 9,5 милиони евра ќе бидат грант од Обидинетите нации преку овој фонд со цел се дојде до намалување на емисијата на штетните гасови во градот, порача градоначалникот.
Според Драгиза Здравева, раководителот на Центарот за развој при ИПР, апликациите се поднесуваат до средината на овој месец, а првичните резултати се очекуваат во наредните шест месеци.