Пробиштип, 11.12.2019
Во Пробиштип денес беше пуштена во работа новата фабрика на Кранфилд Фаундри. Во овој стопански капацитет ќе се остварува производство и обработка на одлеаноци од сиво, нодуларно железо. Сопственик на фабриката е Серѓеј Кручинин, кој е приватен инвститор и има македонско државјанство. Фабриката ја градеше штипска „Актива“. Досега во нејзината изградба се вложени 17 милиони евра а вкупниот број на вработени ќе се заокружи на 300 лица при што доминантна ќе биде високообразованата работна сила, пред се електоринженери.
На свеченоста присуствуваше и премиерот Зоран Заев во придружба на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
-Оваа фабрика е нов стопански капацитет кој нашиот град го добива после триесет години. Среќени сме поради фактот дека во фабриката работа ќе најдат 300 лица, и што таа позитивно ќе влијае на социјалниот живот на заедницата, рече градоначалникот Драган Атанасовски.
На почетокот од обраќањето премиерот Заев рече дека е убаво чувството кога народот гледа како власта и опозиција заедно слават еден успех.
-Ова е нешто кое го започна поранешниот премиер Емил Димитриев, а го заврши оваа влада. Од стартот на изградбата па до овој ден инвеститорот Серѓеј Кручинин има вложено 17 милиони евра, а посбно сме среќни што сопственикот при изградбата на фабриката ги користил услугите на локалните и регионални компании што значи приход на овие заедници. Посебно е значаен фактот дека се работи за една од најсовремените фабрики од ваков тип во светот, рече премиерот Заев.
Премиерот посебно го нотираше фактот дека сопственикот ги испочитувал сите закони за заштита на животната средина.-Во процесот на работа како енергенс ќе се употребува само електрична енергија, а строго е забрането користење на сировини кои содржат штетни материи за на Европа и светот да може да му биде испорачан еколошки производ. Одлично е и тоа што инвеститорот става приоритет на безбедноста, здравјето и благосостојбата на вработените, рече Заев.
За посебно одбележување се две фирми кои и дадоа значаен „штипски печат“ на оваа фабрика. Тоа се градежната фимра „Актива“ која ја изгради фабриката и проектантско студио „Атриум“, чиј е проектот за истата.