ДИМИТРОВСКА: И во време на корона вирусот фудбалот е мојот приоритет

Делчево, 26.04.2020

М-р по технички науки Ана ДИМИТРОВСКА, 25 години, дипломиран градежен инженер на универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје е денешен гостин на istokpress.mk во интервјуата на тема „Живот во услови на корона вирус и ограничени слободи на движење“. Ана е капитен на женскиот фудбалски клуб „САСА“ од Македонска Каменица, клуб кој на крајот од полусезоната е првак на Македонија. Живее во Делчево.

Ана, како ви минуваат деновите во ова време на корона вирус и времена изолација од социјалниот живот на каков бевме досега научени…

– Со оглед на тоа дека сум мошне хиперактивна личност, изолацијата воопшто не ми годи. Меѓутоа, се снаоѓам некако изнаоѓајќи поголем број начини времето во вакви услови да го поминам продуктивно, да ми биде забавно, а во исто време и корисно додека сум дома.

Што тоа значи? Гледање ТВ, разговори по мобилен со пријатели, читање книга, можеби подготовка на докторат….

-Да, сите овие работи кои ги наведовте. Личност сум која знае што е ред па во таа смисла работите рационално си ги распоредувам во времето кое го поминувам дома, време кое го имам во изобилство. Што се однесува до докторатот, сеуште не сум одлучила за таков чекор , но сигурно е дека сеуште сум млада, како и секој млад човек си имам свои амбиции и не би престанала да вложувам во себе.

Се држите ли стриктно до упатствата за изолација, носење заштитна маска, редовно миење раце, можеби мислите дека е тоа претерано, дека состојбата и не е така опасна…Како во таа смисла е однесувањето на вашите сограѓани.

– Секако дека се придржувам максимално кон сите упатства што се однесуваат за заштита од вирусот. Инаку без оглед на моето размислување за пандемијата кое не би го коментирала, мислам дека како за мене така и за сите луѓе одговорноста и свесноста кон одредени состојби каде има ризик треба да ни се на прво место секогаш. Моите сограѓани во моето Делчево се однесуваат одговорно, а аргумент за тоа можеме да најдеме во фактот дека во мојот град нема ниту еден заразен од овој опасен вирус.

Условите не ви дозволуваат редовни тренинзи, дали тоа може да ве спречи во освојувањето на титулата државен првака. Наоѓате ли начин дома да ја одржите формата пред продолжување на пролетниот дел од првенството.

-Очигледно е дека во вакви ситуации каде екипата не тренира заедно и во нормални услови ќе има малку дисбаланс во ритамот, но со оглед на нашиот сериозен пристап кон фудбалот и желбата за освојување на титулата максимално се придржувам и јас и сите мои колешки во одредбите за индивидуалните тренинзи. Тренинзите ни ги прави нашиот тренер Зоран Златковски, кој не би дозволил ниту една од нас да биде ниту физички ниту психички подолу од тоа што треба. Што се однесува до тренинзите ги правам дома со помош на некои спортски реквизити, паралелно со програма која сите ја изработуваме.

Магистер сте на градежен факултет, не сте вработени, не сакате или не можете да најдете работа…Рзмислувате ли како и многу други млади да ја напуштите татковината и да заминете на работа во странство…Каде си ја гледате иднината…

– Што се однесува до мојата вистинска професија, а јас секако дека еден ден ќе бидам дел од неа, до сега имав некои прилики за работа во некои фирми, меѓутоа одлучив дека мој приоритет засега е фудбалот и освојувањето на шампионската титула, поради што вниманието и времето ми се максимално сконцентрирани кон тоа. Не го изоставам фактот дека еден ден ќе работам на струка.

Како младите да останат дома,со својата енергија, знаење, умеење, труд , посветеност да придонесат за напредокот на државата…

– Во услови каде сите ние треба да сме во изолација што е една прилично тешка состојба за сите нас, потребно е позитивно да мислиме и тоа што сме присилени да бидеме дома да го искористиме на најдобар начин – со домашни активности, читање книги, забавни игри со семејството. Особено ние младите треба да го надоградуваме знаењето за што повеќе области и со тоа да придонесеме за подобро функционирање на нашата држава.

Сметате ли дека корона вирусот негативно ќе влијае на нашата економија, а со тоа и на социјалната сигурност на работниците, граѓаните, а ако така мислите што треба да се превземе за загубите да бидат што помали..

– Пандемијата на корона вирусот е настан кој не можевме да го предвидиме и истиот е голем предизвик, како за светската така и за нашата економија. Има преголеми трошоци во здравстениот систем, трошоците и кај фирмите се големи, а и многу семејства имаат проблем во однос на финансиите. Сепак, јас сум оптимист ценам дека нашата држава има добар стручен кадар во сите области и дека ако не бргу тогаш на еден подолг рок работите ќе се стабилизираат и ние ќе си продолжиме со нашите животи како и порано. Меѓутоа не ја исклучувам можноста економијата да не биде како порано на што сметаат експерти од оваа област.

Зошто се определивте за спорт, за машки спорт за каков што се цени фудбалот?

-Спортскиот дух е во мене уште од кога знам за себе, а освен во фубалот учествував и во други спортови. Според мене фудбалот не треба да се третира како машки спорт затоа што и ние девојките се држиме на доста добро ниво со нашите квалитети. Инаку играм на позиција крилен и централен напаѓач, со најмногу – 21 постигнати голови во нашиот клуб во првата полусезона. Посебно ме инспирира позицијата капитен на тимот која ми наметнува повеќе обврски, а најбитна е обврската да ја држам екипата со максимална подршка и мотивација.

Како Ана гледа на аплаузите кои низ светот граѓаните им ги даваат на здравствените работници? Дали е тоа задоцнета реакција, односно дали Вие мислите дека досега не сме ги ценеле доволно согласно она кое тие го работат во полза на нашето здравје?

-Непрекинатата 24 часовна дејност на здравствените работници е за многу повеќе од еден ноќен аплауз. Се чини дека ни беше потребна една ваква пандемија за да го сфатиме вистинскот значење на докторите и на сите  здраствени работници, па јас се надевам дека од сега натаму тие повеќе од порано ќе ја имаат заслужената почит.

Што мислите, дали после оваа зараза луѓето ќе бидат повеќе луѓе, а светот подобро место за живот, или можеби се ќе биде полошо од  порано..

-Мислам дека оваа пандемија и изолација на луѓето најмногу и годи на природата, која на одреден временски период се заштити од нас луѓето, како нејзини најголеми уништувачи. А што се однесува до луѓето мислам дека ќе има позитивни и негативни последици. Позитивно е тоа што голем дел од нас сфативме некои општествени вредности во животото, а негативните се одразот врз здравјето поради недостиг на природа, свеж воздух, сонце и многу други работи кои ни го нарушуваат биоритамот.

                                                                                                        Иван Бојаџиски

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе