КАЦАРОВ: Култура од терасите за зајакнување на суетата
27.04.2020
Писателот, м-р Трајче КАЦАРОВ, кој живее и твори во Штип е гостин во денешното интервју на istokpress.mk на тема „Што работат познатите и за што размислуваат во услови на корона вирус и смалени граѓански слободи и права“. Магистрирал културологија во книжевноста на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Доцент е на Универзитетот „Европа Прима“ на факултетот за филм и театар. Има напишано четириесетина дела: четири романа, пет книги есеи, десет книги поезија, дест книги за деца и дваесетина пиеси објавени во шест книги. Како колумнист има објавено над 500 колумни во весниците: „Нова Македонија“, „Демократски форум“, „Утрински Весник“, „Време“, „Штипски глас“.
Кацаров, што работи еден писател во овие денови на корона вирус кога му се намалени правата на целосен социјален живот?
– Што можам да правам, ништо друго освен што читам и пишувам.
Што пишуваш? Некоја нова книга или…
-Штотуку го завршив романот „Сликари или како го убив Мандрак“..
Мислиш ли дека по крајот на оваа зараза животот пак ќе се биде ист како што беше и пред неа? Или можеби ништо нема да биде како што некогаш беше?
-Би сакал да ми верувате – ништо нема да се промени
Според тебе, дали Македонија успешно се справи со вирусот, со оглед на нејзините капацитети, здравствени пред се?
Не сум слушнал за резултати што би ме поразиле.
Што ти фали во моментите на изолација?
Одговор: Десетка со кромид!
Не е мал бројот на работници од културата кои ги искористија социјалните мрежи за нов вид контакт со публиката. Од домашна изолација се јавуваат со свои поетски содржини, со музички нумери, со рецитации и на тој начин се одржуваат во творечка кондиција. Што мислиш за тоа?
– Мислам дека на тој начин се зајакнува суетата
Поделено е мислењето за тоа какви луѓе ќе бидеме по крајот на пандемијата, Некои сметаат дека ќе бидеме полоши од сега, други тврдат дека и во таа смисла ќе се подобриме како личност и повеќе меѓусебно ќе се цениме? А што мисли Кацаров?
-Дај боже да се преобразиме во луѓе.
Цел свет, секоја вечер со аплаузи, од своите тераси, им оддаваа почит на здравствените работници. Дали доцна светот се сети на тоа колку тие се важни во нашите животи? Дали после ова искуство ние ќе знаеме да си кажеме „е, овој е подобар од мене и му честитам“. Може ли ова да биде и твоја инспирација за некој нов роман или барем само расказ?
– На компјутерот отворив два фајла: „Раскази од карантин“ и „Време за бележење“. Таму ќе кажам сé!
Се држиш ли дисциплинирано до насоките на здравствените власти за самозаштита., мислиш ли дека мерките се ОК или малку претерани…и имаш ли свој став кога овој вирус ќе си замине?
Во гимназијата едвај чекавме да завршат часовите. Кога ќе завршеа сите трчавме кон дома. Корона вирусот е како час. Кога ќе заврши изгладнети, изнемоштени ќе немаме друг пат освен кон дома.
Иван Бојаџиски