КАВРАКОВ: Штета е што Корона вирусот ни ги ускрати завршните концерт во Безистенот и Велигденскиот концерт со Академијата од Базел
Штип, 02.05.2020
M-р Горан КАВРАКОВ, 35 години, директор на ДМУЦ “Сергеј Михајлов” Штип, дипломиран саксофонист на Факултетот за музичка академија во Скопје, магистрира 2012 година на истиот факултет. Тој е поранешен член на Биг бендот на МРТВ, саксофонист на последниот концерт на Тоше Проески во 2007 година, свири во бендот на Каролина Гочева, а од 2005 година до денесе член на популарниот мак бенд Нокаут со бројни концерти, настапи со познати македонски џез музичари, со македонска филхармонија и асоцијацијата на џез музичари во државата. Како професор по саксофон, има освоено голем број државни и мегународни натпревари со своите ученици.
Кавраков е гостин во денешното интервју на istokpress.mk и одговара на прашањето „Што работат и за што размислуваат познатите во услови на корона вирус и намалена слобода на движење“.
Г-дин Кавраков, стандардно прво прашање во вакво интервју, а тоа е што работи Горан во време на корона вирус и скратено слободно време за излегување?
-Бевме навикнати на еден поинаков начин на живот исполнет со секојдневни обврски на работа, дружење со колеги, другари, пријатели…Мене лично викендите ми беа зафатени со музички настапи, но појавата на овој вирус не успори сите нас. Сепак, оваа состојба, од друга страна, ни даде можност повторно да се реконектираме со нашите најблиски. Поминувам квалитетно време со фамилијата, стационирани сме семејно надвор од Штип во природа, вниманието најмногу е посветено на мојата ќерка, имаме секојдневни семејни прошетки во соодветното време според препораките дадени од Министертво за здравство. Истовремено се појавувам секојдневно на работа, заедно со дел од аминистрација и стручна служба кои имаат направено ротационен распоред за дежурства, за да навремено ги извршуваме тековните обврски.
Како директор на Музичко училиште дали организиравте онлајн настава, и дали сметате дека тоа беше единствено решени во услови на пандемија?
-Секако дека организравме зашто тоа беше наша обврска. И кај нас онлајн наставата се оддржува редовно од страна на наставниците. По распуштањето на настават, на 11-ти март, веднаш се координиравме со раководителите на оддели да најдеме начин да ги мотивираме учениците да останат во препознатливата форма без разлика на состојбата. Потоа следуваа препораки од Министертвото за образование и наука, кои согласно условите кои ги имаме ги ценам за коректни и за наставниците и за учениците. Во споредба со шпекулациите кои излегоа јавно на почетокот на оваа пандемија дека училишната година едноставно ќе згасне и дека сите ученици ќе ја повтараат, решението со онлајн наставата е одлично за да можеме на било каков начин да ја завршиме учебната година. Редовно комуницираме со колегите,но и со учениците, работите се движат на добро.
Вие сте познат џез музичар, (саксофон) во време на корона не можевте да настапувате никаде, но каков е Вашиот став за бројни музички имиња во светот, а нешто и кај нас кои од дома се обидоа да внесат малку радост и оптимизам во срцата на народот…Дали и Вие направивте нешто во однос на тоа.
-Секој ден се појавувам на работа, каде после завршените обврски останувам и вежбам саксофон. Можеби во моментов имам доволно слободно време да се посветам на инструментот, за нови идеи, за нешто за кое ниту размислував во минатото. Се радувам за сите оние кои најдоа начин да споделат видеа на социјалните мрежи, секој во свој стил, различни, но многу талентирани и сето тоа излезе многу позитивно. Ние како уметничка образовна институција, ги мотивиравме нашите ученици редовно да ни праќаат снимки од дома, и истите ги објавуваме на фан страната на училиштето.
Јас лично, заедно со Баги биг бендот од Скопје, на покана на диригентот маестро Љупчо Мирковски, ја снимавме песната „Го лажам секој нов рефрен“ од Тоше Проески, направен е прекрасен аранжман, а верувам дека воопшто не било еднставно сето тоа да се среди и да звучи сосема солидно, со оглед на фактот дека целиот бенд е составен од околу дваесеттина професионални музичари. Ја користам приликата да препорачам слушање на Јутјуб каналот, за секој сам да процени за каква песна се работи.
Дали Македонија добро се справи со корона вирусот? Дали здравствените власти направија се што можеа за да немаме повееќе жртви од овој вирус?
Да, сите знаеме која беше целта. Не дека нема да имаме заразени, меѓутоа да се спречи наглото зголемување на бројот на заболени лица бидејки ние ги немаме тие капацитети по болниците за прием на лица. Министерот Филипче беше јасен во врска со тоа, за одговорност и поголема свест кај нас, која на моменти и не беше така испочитувана од граѓаните. Да бидеме реални, се вложи многу напор за спаравување и спречување на ширењето на вирусот, што и вроди со резултати кои се видливи. Мислам дека и сето тоа е потврдено со професионално направени анализи од соодветни институции. Конкретно за нашиот град сме сведоци дека исклучително успешно се справивме со пандемијата и за тоа честитки на здравствените работници и на Кризниот штаб на чело со градоначалникот Благој Бочварски..
Кој е твојот став, дали штипјани се држеа до упатствата за безбедност во услови на пандемија, неизлегување од дома во време на забрана, носење маски, миење раце, носење ракавици…
Мислам дека на почетокот голем процент од нас не ја сфативме сериозноста на овој вирус, се додека не се појавија големите бројки на заразени во развиени европски држави, пред се во Италија и Шпанија…Имам чувство дека ние како народ, не си веруваме на самите себе,односно на нашите здравствени експерти, се додека не погледнеме како се одвиваат работите надвор од државата. И нормално тогаш почнуваме да ги почитуваме мерките дадени од нашите власти.
Маса народ секое утро стоеше пред банките и поштата за да си плати некои сметки. Сметате ли дека ние како народ не сме доволно информатички описменети за да си плаќаме од дома?
Дефинитивно тоа е така. Проблем имаат повозрасните, и оправдано е мислам, затоа што и немаат или несаакаат да имаат додир со овие услуги, едноставно навикнати на шалтер да си чекаат, и не им веруваат на овие поволности кои им се нудат. Лично се потрудив и на мојата мајка да и укажам за овие поволности, и успеав , еве еден месец со моја помош сметките ги плаќа онлајн. Сепак, голем е бројот на луѓе од нашите генерации кои ги користиме услугите за онлајн наплата, и сме сведоци за какво олеснување станува збор.
Предизвикаа ли некакви емоции кај тебе снимките од разни држави во кои народот од своите тераси секоја вечер во 20 часот со аплауз им оддава почит на здравствените работници?
Гледајки ги овие снимки по социјалните мрежи, и начинот на поддршка која им се дава на здравствените работници, се разбира дека не секој може да остане рамнодушен. Но, вистинските емоции се појавија кога во нашата држава се даде од срце поддршката за здравството,во кое сите инволвирани неуморно работеа и сеуште работат за наше добро. Сите оние иронични коментари од типот “ Кога ќе биде аплаузот за Венко” од нискобуџетен карактер, беа изигнорирани од самиот народ.
Има подвоени мислења после оваа пандемија. Едни се на мисла дека ние како луѓе ќе станеме подобри, од сето ова ќе извлечеме некои неопходни позитивни заклучоци за нашата иднина, други сметаат дека ќе станеме уште повеќе лоши како луѓе. Кое е Вашето мислење?
-Јас припаѓам на друштвото на непоправливи оптимисти. Цврсто верувам дека во светот ќе преовладуваат подобрите, тие се и ќе останат темелот на напредниот свет. Сепак, ме нервира тоа што секојдневно сведочиме на ширење на омраза, лаги, манипулации па се прашувам која е потребата од такво нешто ?
Министерот за образование најави крај на оваа учебна година, според тебе како директор на училиште дали е тоа единствено можно решение?
Очекувано решение од министерот. Доколку би имало друга опција таа би била продолжување на учебната година во летните денови, а такво решение не е и не може да биде подобра опција од онаа која веќе ја имаме. Наставата си тече редовно, малку е понапорна од регуларната, но за доброто на учениците и за самите нас. Ќе ја завршиме годината без проблеми, секако. Чекаме инструкции како ќе се одвиваат приемните испити за учебната 2020/2021 година, каде имаме повторно одобрено две паралелки со вкупно 68 ученика. Малку ни е чуден овој завршеток на годината, знаете дека ние овој период ги имавме сите државни и меѓународни натпревари на кои нашите наставници и ученици постигаа одлични успеси, и носевме на годишно ниво повеќе од 200 награди. Завршните концерт кои се оддржуваа во Безистенот, секако и Велигденскиот концерт заедно со Академијата од Базел со сигурност ќе ни недостигаат сега. Но, веќе се развиваат нови и многу подобри идеи за иднината на на нашето училиште, со што ќе биде надоместено се што на некој начин имаме пропуштено периодов.
Иван Бојаџиски