Делчево, 27.05.2020
И во Делчево интензивно се гради. Се заокружува инфраструктурата на градот, се задоволуваат потребите на сите домаќинства. И Делчево, како и повеќето општини во регионот, веќе три години е во фаза на комплетна урбана промена. Секако, таа промена е на радост на жителите од овој пограничен град.
Работејќи во тој стил, деновиве екипи на ЈКП „Брегалница“ интензивно се ангажирани на изградба на атмосферската канализација на улицата 7 во населбата СРЦ во Делчево. Предвидена е изградба на канализација во должина од околу 250 метри, а инсталацијата ќе биде приклучена во коритото на река Брегалница. Досега се изградени околу 120 метри, а се поставуваат цевки од фи 315. Инвестицијата е на Општина Делчево.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, заедно со директорот на ЈКП „Брегалница“, Стојче Стојковски, денеска направија увид на работите. Трајковски истакна дека по завршување на изградбата на атмосферската канализација, ќе се пристапи кон изградба на улицата во должина од 290 метри која сега е со земјен коловоз.
-Жителите од оваа населба долги години бараа решавање на патната инфраструктура и еве денеска со задоволство можам да истакнам дека ги реализираме проектите кои ќе донесат подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. По завршување на работите околу изградбата на атмосферската канализација, ќе се пристапи кон изградба на улицата 7 во СРЦ која ќе добие комплетно нов лик на асфалтирана улица со тротоар и комплетен систем за атмосферски води, истакна Трајковски.
Тој додаде дека изградбата на оваа улица е во рамките на големиот инфраструктурен проект „Подобрување на јавните општински услуги во Општина Делчево“ кој се реализира преку проектната единица на Министерство за финансии и проектот за подобрување на општинските услуги МСИП финансиран преку Светска Банка. Во рамките на овој проект, Општина Делчево доби средства за подзаем од 32.252.287 денари за реализација на проектот што подразбира, освен изградбата на комплетно нова улица во СРЦ, реконструкција и на улицата „Маршал Тито“ во должина од 743 метри, реконструкција на улицата „Вера Јоциќ“ во должина од 599 метри, со што преку овој проект ќе се реконструираат 1,3 километри локални улици, а ќе биде изградена комплетно нова улица во должина од 290 метри.
Целта на овој проект е подобрување на квалитетот на животот на локалното население од овие улици, но воедно и на сите жители на Општина Делчево.