Репортажа: Охрид празен – „Марко“ и Маркулевци преполни!?

Далеку сум од реализираноста на хедонистите кон кои тежнеам, да речеме – драгиот пријател Тома Фила, од балканските простори, или, глобално легендарниот Ернесто, на чија машина за пишување, барем, оставив отисоци во музејот во Вашингтон, ама, сепак, сполај му Нему, доста прошетав и доста видов.

Не дека Охрид не е убав и самодоволен, мегутоа, родителите и природата така ме создале, да не се мирам со постојното, туку да трагам по непознатото, поризичното, на лугето, особено на политикантите, да им дозволам да ме скршат, ама, никако да ме свиткаат! Фактурата, секако сите не стигнува, во мојот случај, таа се викаше – шетсе последни години од работниот век, да се поминат на Бирото (Агенцијата за вработување), ама и тоа треба да се проба!

Се пробав, се видов, надесно и налево – по меридијаните, и ете дојде време, летниот одмор да го минам во една нова “Странција”, во едно ново Сен Тропе, тука на нашата Голема вода, што би рекол драгиот Живко Чинго, на нашето море, кон кое, ова лето, ќе се свртат и многу поголемите глобтротери од мене.

Новинарот го создаваат настаните

Свети Наум е најдалечната точка на нашето море. Најнапред горе, во манастирот кај отецот, архимандрит Нектариј Најдоски, игумен на манастирот, да се наслушне, со увото на надгробната плоча, дали сеуште бие срцето на светецот? Иконостасот е посебна приказна, за мене посебна РАНА!

Мислата ме враќа децении, децении наназад. Дописникував за “Вечер”.”Вечер” на Мирко Миронски, не на Ивонка! Беше зима, се случи тоа што се случи, а јас оптегнав насловна репортажа: “Паднале снегови, покриле трагови”!? Постарите ќе се присетат на опустошениот иконостас, на откраднатите икони, кои го “препливаа”, најнапред, Јадранското Море – до Италија, а од таму – само еден Господ знае, каде?

Многупати сум кажал дека новинарот го создаваат настаните. Ја имав среќата, при големите случувања, секогаш во вистинското време да се најдам на вистинското место. Потребна е уште и интуиција, упорност, малку и храброст. Ако сакате, не само да напишете, туку и да насочите. И тогаш и денеска знам кој посегна рака по иконите! И тогаш и денес знам, кој е човекот кој може (ако сака и ако државата е паметна!?), да посведочи за крадецот. Цената ја платив – судска завршница во Основниот суд во Охрид, ризикот го избегнав: да завршам под тркалата на фамозната Лада-Нива!

Ете, можело и туризам и крави!?

На враќање од Свети Наум, носталгијата и сеќавањата ме наведуваат да скршнам лево оде патот, да се симнам до Трпејца, да го видам зајдисонцето на колегата Милчо Јованоски. Сеќавањата пак допираат, се навраќаат наназад до Мирковото време на “Вечер” (тогаш над стотина илјади тираж!), на репортажата: “Туризам, или крави”!?

А можело и едното и другото. И денеска, пред да влезете во селото, ќе ве пречекаат мали стада од овој благороден добиток, ама, можело – и тоа и елитен туризам.

Трпејца, одсекогаш беше привлечно место и цел за уметничкиот свет од земјата, но и за новинарите. Нешто влечеше колегата, вредниот како кртица – Милчо, ама повеќе самиот амбиент. Најповеќе заоѓањето на сонцето. Милчо смислил убава манифестација.

Трпејца има ресторани за најпребирливите, има одлични сместувачки капацитети во куќите, ама, дека има и мало хотелче – за најпребирливите, е навистина не знаев. Не очекував! Ме освои на прв поглед! Раководителот,  Игор Карамитре, се заложи својски, ама не можеше – повеќе од една седмица.

Охрид празен – вила Марко преполна!?

Ете ти уште едно неочекувано изненадување! Хотелчето, кое официјално носи име “Марко”, во време кога хотелите во Охрид, сеуште се во ноќна темница, е исполнето до последно место. Македонски државјани од неколку градови (само јас од Охрид!), една убава дама со само 4 мали кученца која живее во Лондон, две прекрасни дами – први комшики од Куманово, Македонец по потекло од Битола, сега жител на Нови Сад, уште неколкумина Срби.Уживаат, ама и се јадосуваат поради настаните во Белград. Вистинска војна на улиците.Тргнале за Грција, завршиле во Трпејца! Со бебенце од само неколку месеци.

Вила “Марко” има десетина соби, прекрасни спални за двајца, но не е проблем, за помали деца има дополнителни креветчиња. Има соодветен ресторански капацитет, кој во моментов, од заштитни причини, одлучиле да не работи со храна. Пијалоците не се проблем.

-Поради ситуацијата сезоната ја започнавме после 20 јуни. Од овој петок сме целосно исполнети, букингот е веќе завршен кон крајот на август. До пред здравственава криза, капацитетот го закупуваше холандскиот тур оператор ТУИ. Ова лето одлагаат сеуште, мислам дека ќе почнат после 20 август. Објектот работи веќе четврта сезона, исцело исполнет со странски гости – вели раководителот на објектот Игор Карамитре.

Охриганец од Велгошти + Италијанка од Калабрија = успешна семејна приказна!

Вила “Марко” е дел од познатиот охридски и македонски бред – “ТИНО” хотели. Сопружниците, Валентин и Франческа Маркулевски, се основачи. Пред дваесетина години, на чудење на охриѓани, за многу скапи пари, купија една куќа, во првата крајезерска линија. Додека ние се исчудувавме со “половина милиончето!”, Франка, Италијанка – Калабријка и Валентин, се вратија од Германија, каде се запознале и стапиле во брак.

Кога, самиот, прв пат ја видов Франка (“ако сакаш да каснеш нешто вистинско морско, тогаш замолија Франка”!), напишав репортажа, по повод празникот – Свети Валентин.Тие двајцата се пример на успешна приказна за семеен одржлив бизнис. Со големото гостопримство, љубезноста, професионалноста, одлична храна и музика, се искачуваа скалило по скалило. Во соседството закупија уште една куќа – за сместување и бар во приземјето, потоа следеше истоимениот хотел во туристичката населба “Свети Стефан”, еден од најпривлечните – со прекрасни внатрешен и надворешен базен, соби и апартмани, спа центар и други содржини.

На крајот вила Марко, ама тука не е крајот. Веќе се работи на реализација на идејата за изградба, или купување на нов хотел на крајбрежјето.

-На Охрид му недостигаат хотели со збогатени содржини (спа, базени, детски игралишта) кои би придонеле за успешен туризам во текот на целата година, затоа што градот има што да понуди. Општината треба да не следи со проекти за изградба на што повеќе пешачки и велосипедски патеки, гондола до Галичица, воспоставување на редовни авионски линии, како и подобрување на инфраструктурата во Охрид – вели еден од сопствениците (тројцата браќа, покрај таткото и мајката), Борис Маркулески.

Растевме во ресторан – учевме од родителите!

Борис додава дека растел и учел од родителите, детството му минало во ресторанот во Охрид (како и двајцата браќа, Дејан и Валентин), сега раководи со поголемиот објект во “Свети Стефан”.

Постојано внесуваме нови содржини, согласно потребите на гостите. Најново во хотел „Тино“ Свети Стефан направивме мала кино сала, се поставува солариум, направена е уште една сала за состаноци. Самата работа кажува уште што недостига, додава Борис Маркулевски.

Во нивните сместувачи капацитети и ресторани доаѓаат гости од целиот свет. Во летниот период најбројни се гостите од Холандија, како и од Италија, Скандинавија, Франција. Секако и од земјата, за кои се организираат: македонски вечери со настап на играорни групи, шведска маса со традиционални јадења, рибна вечер, италијанска вечер и слични други, национални вечери.

Веле Митаноски

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе