Штип, 11.07.2020
На 15 овој месец (ден среда) македонските граѓани ќе излезат на ново изборно соочување со својата иднина. Заев (СДСМ) или Мицковски (ВМРО ДПМНЕ) е прашањето кое ќе ја определи судбината на нашата држава. Од тоа како ние денес ги перцепираме нештата, од тоа колку сме информирани за остварувањата на едниот (едните) и другиот (другите), од тоа како секој од нив ја гледа нашата иднина ќе зависат многу нешта. Затоа правилниот избор на 15 јули е од капитално значење за сите нас без оглед на определеноста на поединецот-етничка, политичка, верска или било каква друга.
Заев или Мицковски?
Тоа е централното прашање на овие избори. Политиката на СДСМ и коалицијата или политиката на ВМРО ДПМНЕ и нејзините коалициони партнери. Политика која недвосмислено води кон членство во развиениот, урбаниот, културниот свет на Европската унија (Заев, СДСМ) или политика на постојано патување сто години наназад во историјата (Мицковски, ВМРО ДПМНЕ).
Нашата држава веќе е членка на НАТО со што ги зацементиравме границите и ја обезбедивме безбедноста и сигурноста. Тоа е дело на Зоран Заев и неговата екипа и на народот кој со голем процент се изјасни дека е за НАТО и со тоа докажа дека ја поддржува политиката на Заев и на СДСМ. Другото клучно прашање е влезот во Европската унија. Нешто на кое силно, посветено, ангажирано работи Зоран Заев и неговиот тим од денот кога ја превзеде власта. Наспроти него е Христијан Мицковски кој никогаш нема јасен став во поглед на ова прашање кое ја определува нашата иднина. Затоа и од него самиот, а најмногу од неговите пулени, редовно се лиферуваат информации во стилот дека „ЕУ се распаѓа“, дека кога ние ќе добиеме покана за тоа друштво ЕУ повеќе нема да ја има. Конечно, од тој лагер на лаги и измами доаѓаат и „информациите“ дека и еден ден да влеземе во ЕУ ние нема да имаме никакви бенефити од тоа!?
Затоа, што?
Затоа овде ќе се позанимавам со најважното стратешко прашање за иднината на Македонија, а тоа прашањето за влезот на нашата држава во Европската унија. Треба ли да се бориме за еден таков статус, и какви ќе бидат нашите бенефити кога ќе станеме членка на ЕУ. Притоа ќе се послужам со искуствата на две држави кои, исто како и нашата, грчевито се бореа за членство во Унијата. Тоа се Литванија и соседна Бугарија.
Литванија во 2004 година стана членка на ЕУ, за 15 години од ЕУ фондовите доби 15 милијарди евра, земјата се обнови, платата се утрострчи од 357 на 923 евра! Бугарија, за чиие граѓани пред распадот на социјализмот бевме „американци“ за 12 години од ЕУ фондовите доби финансиска помош од 30 милијарди евра, денес таму просечнаѕа плата е повисока за 100 евра од нашата…И затоа илузорно е прашањето каде е нашата иднина во Заев или во Мицковски.
Литванија стана членка на ЕУ на 1 мај 2004 година. На тој датум просечната плата во оваа држава изнесуваше 357 евра. Одтогаш до лани (2019 година) Литванија од Европските фондови доби 15 милијарди евра финансиска помош. За овие 15 години просечната плата во оваа држава се утростручи – од 357 се искачи на 932 евра! Тоа, секако, говори за капитално подобрување на стандарот на околу 3,3 милиони жители на оваа денес развиена земја. Финансиската помош од ЕУ од 15 милијарди евра е искористена за развој на инфраструктурата, за засилување на конкуренцијата и за намалување на регионалните и социјалните разлики. Токму и поради тоа ланските истражувања на Евробарометар потврдиле дека 91 процент од жителите веруваат дека членството во ЕУ им донело многу позитивни промени во државата.
Влезот во Унијата, покрај сé погоре запишаното, на Литванците им донесе намалување на невработеноста од 11 проценти во 2004 година на 6,2 проценти во 2018 година. И додека просечната плата е трикатно зголемена, цените на производите и услугите се зголемени за 50 проценти во последните 15 години што покажува дека куповната моќ и финансискиот капацитет на сите жители се значајно зголемени во изминатите 15 години. Затоа Литванците го благословуваат денот кога нивната држава стана членка на Европската унија како едно од двете најзначајни остварува во ерата на нивнатра независност.
Но, да видиме како стојат работите во соседна Бугарија (7,3 милиони жители) која членка на ЕУ стана во 2007 година.
Штипски Глас во својот број од месец јуни минатата година донесе интервју со Веселин Халачев претседател на обединетите бизнис клубови на Бугарија (2.200 членки). Притоа Халачев рече дека за 12 години членство во ЕУ Бугарија (7,3 милиони жители) од европските фондови има искористено 30 милијарди евра. Тоа, според Халачев, овозможило Бугарија да почне да се развива, да обнови најголем дел од својата инфраструктура, да дојдат странски инвеститори но и домашните да се охрабрат повеќе да инвестираат дома, а просечната плата минатата година изнесувала над 500 евра со што и стандардот на бугарските граѓани значително е подобрен.
Се сеќавам на перидот кога настана распадот на социјалистичкиот лагер. Пред тој период, ако добро се сеќаваат постарите, кога одевме на „свиждање“ во Бугарија, таму ни велеа дека ние македонците за нив сме – американци! Денес, благодарение на членството во ЕУ, на развиената, современа инфраструктура во што можат да се уверат сите кои патуваат во оваа нам соседна земја, Бугарија во однос на просекот на платите се подобри за 100 евра од нас „американците“.
Подобар доказ за тоа кој ќе биде точниот одговор на прашањето проевропскиот Заев (СДСМ и коалицијата) или заглавениот во историјата Мицковски (ВМРО ДПМНЕ) – здравје! Да почекаме до среда, 15 јули, некаде околу полноќ кога ДИК ќе соопшти дека новата Влада ја прави стариот премиер – ЗОРАН ЗАЕВ!