Добра земјоделска пракса – богат биодиверзитет: Стручњаци ќе работат на предлог-мерки и законски решенија за одржливо управување со жетвените остатоци
Позитивни се почетните резултати од првата фаза на проектот „Добра земјоделска практика-богат биодиверзитет“, што во изминатите осум месеци се реализираше во Кочанскиот Регион, а чија главна цел е да се намали палењето на сламата заради зачувување на животната средина.
Носителот на проектот, Здружението на жени земјоделки „Агро-винка“, денеска организираше работна група чија задача е да направи детална анализа на ефектите од преземените активности за подигање на јавната свест кај земјоделците од штетноста на палењето на жетвените остатоци.
– Добиените резултати ќе покажат кои мерки даваат најдобар ефект и ќе се применуваат во иднина, не само во регионот, туку и на национално ниво. Планираме повеќе инфосесии со земјоделските производители од 33 села од Kочанско. Притоа ќе ги претставиме досегашните искуства за добра земјоделска практика, минималните услови што треба да се исполнат за да се избегне палењето на сламата, како и алтернативните решенија за нејзино користење. Тоа е еден од најдобрите начини да се постигне крајната цел за заштита на животната средина и намалување на климатските промени – истакна Олга Стоименова, координаторка на проектот.
Од Центарот за развој на Источниот Плански Регион како партнер на проектот, дојде предлог за понатамошно унапредување на алтернативните решенија за искористување на жетвените остатоци.
– Преработката на сламата од ориз во Пречистителната станица за отпадни води, каде се добива органско ѓубриво, може да биде добар пример за развој на бизнис-иницијатива и кај приватниот сектор. Има можности за приватните стопанственици да се вклучат во собирањето и транспортот на сламата или да го применат искуството на КЈП „Водовод“, па да отворат сопствени капацитети за нејзина преработка во компост – нагласи Емил Василев од Центарот за развој на Источниот Регион.
Резултатите од анализите на работната група, во соработка со Министерството за земјоделство и другите институции, треба да најдат соодветна поддршка во законската и подзаконската структура. На тој начин ќе се мотивираат земјоделците своите практики да ги насочат кон одржливост и да се намали палењето на жетвените остатоци.