Негрево, 17.08.2020
Над 1.200 лица, најголем дел деца и младинци од Источниот регион, но и цели семејства како и туристички групи, за неполни две години од отворањето го посетиле Едукативниот центар за зачувување на природата во пехчевското село Негрево. Ова се смета за успех со оглед на фактот дека овој уникатен центар со работа започна на првиот септемвриски ден во 2018 година и за само две години стана познат на еден поширок простор.
Младата Верица Арнаутовска, дипломиран билог, раковид со овој центар чија цел е преку едукација да влијае на зачувување на природата во Брегалничкиот регион и нејзино доближување до граѓаните.
-Благодарение на Швајцарската агенција за развој и соработка, а во координацција со Фармахем од Скопје, овој центар од идеја стана реалност. Наша цел е на еден оригинален, несекојдневен начин на посетителите да им ја доближиме природата и нејзиното значење преку промоција на биолошката разновидност, растителните и животинските видови, специфичните живеалишта, но и да даваме интереси информации за општините во нашиот регион, вели Арнаудовска.
Таа своја света мисија Едукативниот центар во Негрево ја извршува преку постојана едукација и подигање на јкавната свест, како и промоција на одржливо користење на природните ресурси.
-Имаме уреден двор со елементи за анимирање на децата, ја имаме и „Патеката на Петко и шумските жители-Пехчевска авантура“. Тоа е едукативна патека во должина од два километри која започнува од Едукативниот центар и завшрува кај Јудови ливади каде вирее инсектојадното растение – Drosera rotundifolia кое растение предизвикува посебно вниамние. По должината на целата патека има поставено едукативни табли кои содржат информации за карактеристиките на одредени видови од флората и фауната во непосредна околина, појаснува раководителката Верица Арнаудовска.
Овде на еднодневни екскурзии организирано доаѓаат ученици од основните и средни училишта, семејства, туристички групи, и сите тие покрај тоа што можат да ги видат убавините на природата во Брегалничкиот регион добиваат и драгоцени информации за нејзино зачувување.
За својата значајна работа која ја работи во однос на едукацијата за зачувување на природата во Брегалничкиот регион, Едукативниот центар во село Негрево Општина Пехчево годинава стана добитник на признанието „Најдоброто од истокот“ во категоријата невладини организации.