Штип, 11.10.2020
Јавни и општествени работници, заменик градоначалникот Јане Миланов, претставници на АРМ, на Советот на општината, на Здружението на пензионери, на политички партии и граѓани денес претпладне на Меморијалниот комплекс на револуцијата на средновековната тврдина Исарот со полагање свежо цвеќе и читање поезија го одбележаа 11 Октомври, денот на сенародното востание. Тие им оддадоа почит на жртвите од Штип кои своите животи ги дадоа за слободата на Македонија и на македонскиот народ и за живот во слободен свет.
Пред присутните со пригоден говор се обрати Петар Мицевски, претседател на Боречката организација на Штип. Во својот говор Мицевски истакна дека во непресушната жед за слобода во Втората светска војна активно се вклучите и околу 2.000 борци од Штип. За време на окупацијата, 814 жители ги загубиле животите, од кои, 88 од нив во директна борба против окупаторoт.
Штипската поетеса Цвета Спасикова прочита две револуционерни песни од нејзиниот богат поетски опус.
На паднатите борци им е посветен Меморијалниот комплекс на револуцијата. Автор на ова импозантно архитектонско дело кое доминира на тврдината над градот е белградскиот архитект Богдан Богдановиќ кој работата ја доби на конкурс. Изградбата на комплексот траеше од 1969 до 1974 година.