Берово годинава со помала посетеност, што му фали на туризмот во Малешевијата?
Разговор со Бојан Аврамовски, генерален менаџер на Аурора ресеорт и спа на Беровско езеро
Берово, 30.08.2024
Со сите специфики, со се она кое му ги има дадено природата, Малешевскиот крај и Берово како „метропола“ негова се предодредени за развој на квалитетен туризам. Откако многу фабрики кои успешно работеа во годините на поранешниот систем се затворија, сите надежи за економски просперитет и можности кои младите ќе ги привлечат да останат на родното огниште и со својот нов пристап ова место да го направат привлечно за сите, беа насочени кон развојот на туризмот.
Бојан Аврамовски
Густите шуми на Малешевските планини, пространите и непрегледни ливади, изобилството од шумски плодови, школуваните туристички работници од овој крај, се чинеа како добитна комбинација за остварување на сонот во однос на развојот на туризмот.
Но, работите не се придвижуваат во една таква насока, а зашто е тоа така разговараме со Бојан Аврамовски, искусен туристички работник, генерален менаџер на ресортот Аурора, светски бисер на брегот на Беровското езеро.
Г-дин Аврамовски, каква е Вашата оценка за годинашната туристичка сезона во Малешевскиот крај?
-Оценката не е поволна, не е добра. Годинава Берово и целото ова подрачје се соочија со намален број на туристи. Ние сме исправени пред фактот дека освен воздухот и планинските патеки кои им ги нудиме на туристите, немаме со што друго нив да ги привлечеме. А туризам не е само дојди, одмарај, јади, туризам е на дојденците да им понудите многу повеќе содржини кои квалитетно ќе им го исполнат денот и дел од ноќта и со тоа да покажете дека ги почитувате нив и нивните желби за еден поквалитетен одмор.
На што поконкретно мислите?
-Па, видете, Берово нема нешто посебно кое како град и општински центар би им го понудил на туристите. Посебно на оние од средните и помладите генрации, зашто туризам не може да биде само Аурора ресорт и Манастир. Нема добри капацитети за ноќен живот и забава по теркот на младите. Берово нема ниту свое културно лето, има краткотрајни настани кои поминуваат добро, но тие се многу ретки. Овде не постои рекреативен парк за деца, компанијата Зегин направи нешто во Градскиот парк но тоа е малку за место кое сака да го темели својот развој на туризмот. Градот не поседува ниту Градски базен па туристите кои се сместени во приватни викендици нема каде да се разладат, да поминат дел од времето. Бидејќи со децении зборуваме дека Берово и Малешевијата својот економски просперитет ќе го доживеат преку развој на туризмот, ние имаме обврска секоја година да ја зголемуваме разновидноста на понудата.
Тоа значи?
Значи дека треба да мислиме на потребите на младите од 25 до 40 годишна возраст, зашто за нив Берово е едно здодевно место во кое не се случува ништо посебно што би ги привлекло да дојдат и подолго да останат тука. Разновидноста на понудата е нешто кое гарантира константност на посетители во секое доба од годината, не само преку лето, а тоа е она кое Берово сега го нема. Мислам дека и државата треба да помогне во подобрување на туристичките можности на нашиот крај, зашто сите тука сме на став дека таквата помош и поддршка засега изостанува.
Дали ова е проблем само на туристите или има некоја допирна точка и со овдешното население, посебно младите?
-Тоа е добро прашање. Ваквата состојба драматично влијае и на одливот на младите од овој преубав крај. Младите беровчани, и воопшто младите малешевци, кога ќе заминат на факултет, и кога ќе дипломираат, повеќе не се враќат тука. Тие си бараат подобар живот во Скопје, Штип или некое друго место во кое можностите за квалитетн живот во секоја смисла се многу подобри. Еден дел од нив својата иднина ја бараат и во странство. Тоа значи дека сегашнава состојба не само што не е добра за развој на туризмот, таа не е добра ниту за демографскиот капацитет на нашиот град и другите населени места во овој крај.
Во Берово нема сувенирница, имаше една на Музејот Штип, но и таа „отптаува“ од градот. Туристите нема каде да купат сувенир кој би го преставувал мајсторството на малешевските уметници од многу области?
-Во право сте. Ние, иако се декларираме како туристичка дестинација, немаме ниту туристички водичи кои поединци или групи би ги изнајмиле за да им ги покажат бројните природни убавини на Малешевијата,а туристите го барат тоа. Иронија е тоа што имаме убаво езеро, имаме и кајакарски клуб, но нема од каде кајак да изнајмиш иако не е мал број на туристи кои ги сакаат спортовите на вода и истражување на нашето езеро!
Има ли и други проблеми во самите туристички капацитети кои им се нудат на гостите?
-Секако, тука се и цените за престој во етаблираните туристички капацитети на кои дел од туристите имаат забелешки. Но, ние не можеме да обезбедимне достапни цени за сите зашто струјата, водата, храната, дрвата, пелетите се многу поскапи во однос на оние во странство, во соседна Бугарија да речеме, каде од другата страна на границата која ни е многу блиску има поголем број туристички дестинации. Тоа пак нас не оневозможува да интервенираме во делот на платите за вработените, и тоа, се заедно, е еден синџир во кој секоја алка си има свој важна улога. Ние во Аурора ресорт и спа имаме 35 постојани вработени, а преку лето таа бројка доаѓа до 45 лица, и на нив мора да им обезбедуваме добри плати за да останат тука, без оглед на тоа колку сите други трошоци на нашето работење се зголемени.