БЕРОВО: Системските решенија клучни за спречување на шумските пожари, граѓаните потпишаа декларацијата со наслов – „Јас не палам“

Берово, 29.07.2025

„Обучени и опремени професионалци на терен ни требаат за гаснење на пожари, свесни граѓани и најмлади со вистински вредности ни требаат за одговорно живеење – но законски измени и системски решенија се клучни за спречување на шумските пожари во иднина.“

Ова е пораката од едукативно-информативниот настан за спречување на пожарите одржан под мотото „„Огнот не простува – а шумата е живот“кој викендов се одржа на беровскиот плоштад.

Настанот се одржа во време кога на планината Готен беснееше повеќедневен пожар, кој опожари огромна шумска површина и се закануваше да ги зафати блиските населени места. Тоа беше дополнителен повод да се испрати повик за мобилизација и заедничка акција – за поддршка во гаснењето, но и во спречување на понатамошно ширење на огнената стихија.

Настанот го отвори Дина Муцунска од Еко-зелено движење, Берово, која со страст и загриженост зборуваше за опасностите од пожарите, улогата на човечкиот фактор, илегалната сеча и итната потреба од пошумување. Нејзината порака беше недвосмислена: „Шумите се наш најголем сојузник во борбата со климатските промени. Малешевијата веќе трпи последици. Ако не делуваме сега – утре ќе биде доцна.“

Градоначалникот на Берово, Ѕвонко Пекевски, ја потенцираше важноста на солидарноста и локалната вклученост: „Секој од нас може да биде дел од решението. Пожарите не прашуваат – тие бараат заеднички одговор.“, порача Пекевски.

Претставници од ТППЕ Берово ја пренесоа суровата реалност од теренот – борбата со огнот, ризикот, храброста, заморот…. Нивните зборови и искуства беа сведоштво кое никого не оставија рамнодушен.

Војо Соколовски од Националното здружение на приватни шуми зборуваше со длабока загриженост: „Шумите не се само дрвја – тие се белите дробови на земјата, засолниште за животот, извор на вода, храна и воздух. Без нив – нема ништо.“

Доброволното противпожарно друштво од Пехчево ја сподели својата инспиративна приказна за основање, обука и дејствување. Нивниот пример служеше како повик до Берово – повторно да се активира локалното доброволно друштво, бидејќи: „Секој обучен и опремен човек е додатна сила на страната на шумата и животот, особено во руралните и планинските средини.“

Бојана Станојевска Пецуровска од Центарот за климатски промени повика на конкретни и итни законски измени: Забрана за сеча и стопанисување со дрва на опожарени подрачја; Забрана за трансформација на опожарено земјиште во градежно; Строги казни за подметнувачите на пожари.

„Само вака ќе ставиме крај на пожарите подметнати од алчност – и ќе ја зачуваме природата за генерациите што доаѓаат.“, рече Бојана.

Во знак на сеќавање на настанот, но и како жив симбол на обврска кон природата, беше засадено дрво на плоштадот во Берово. Тоа дрво ќе расте заедно со пораката оставена од настанот – дека ова не е само еден ден, туку почеток на нова свест.

Присутните граѓани симболично се потпишаа на декларацијата „Јас не палам“, изразувајќи лична и јавна заложба за заедничкото добро, која ќе биде потсетник на колективната одговорност што ја носиме сите.

Посебен момент беше учеството на децата од градинката „23 Август“. Нивните цртежи, стихови и пораки беа гласни и јасни: „Шумата е живот. Не ја палете. Чувајте ја.“.

За своето учество, секое дете доби сертификат и симболичен подарок – мало дрвце што ќе го засади со семејството, со мотото „Посади љубов, расти одговорност“. Овие дрвца се семето на нашата иднина.

Настанот беше организиран од Еко-зелено движење – Берово и Центарот за климатски промени, со поддршка од: Општина Берово; ТППЕ Берово; Подрачно одделение на ДЗС Берово; ЈП Национални шуми / Шумска полиција; НЗ Приватни шуми; ДПД Пехчево; градинка „23 Август“ – Берово

Настанот се реализираше во рамки на проектот: „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелена агенда за Западен Балкан на локално ниво“, финансиран преку програмата Цивика Мобилитас, со поддршка од Владата на Швајцарија.

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press