Во масовно убиство што се случи на Цетиње, убиени се 12 лица, меѓу кои и две деца, а за живот се борат уште четири лица во Клиничкиот центар во Подгорица, пренесува Н1. Црногорската Влада прогласи тридневна жалост денеска, утре и задутре.
Обвинителката Андријана Настиќ потврдила дека во Цетиње се убиени 12 лица, а дека осомничениот Ацо Мартиновиќ извршил самоубиство. Извршен е увид на шест локации, на пет од нив убиецот убивал. На две локации убил по четири лица, на една убил две деца и на останатите убил по едно лице. Повредени се четири лица кои се хоспитализирани.
Во злосторството се убиени седум мажи, три жени и две деца. Сите полициски единици како и припадниците на специјалната единица на полицијата, со часови трагаа по осомничениот Мартиновиќ кој умрел неколку минути пред полноќ откако сам си пукал во глава откако го опколила полицијата близу една семејна куќа во населбата Хумци. Убиецот умрел на пат кон Клиника.
Мартиновиќ злочинот го започнал во кафеана „Велестово“, близу влезот во Цетиње, каде што со пиштол усмртил четири лица, а потоа уште на три локации во градот убил уште осуммина, меѓу кои три жени и две момчиња двајца родени браќа на возраст од 10 и 13 години.