Црвенковски изнесе две стратегии за приближување на Западен Балкан до ЕУ
Скопје, 19.06.2023
Во недостиг на јасна стратегија за проширување постојано слушаме едни те исти мантри: од страна на ЕУ дека останува политиката на „отворени врати”, а од страна на земјите од регионот дека полноправното членство во Унијата е единствената опција за која не постои алтернатива, па затоа во такви услови би сакал да промовирам идеја за иницијатива која на земјите од Западниот Балкан ќе им овозможи пристап до заедничкиот европски пазар и пристап до европските фондови, истакна денеска поранешниот претседател Бранко Црвенковски на дебата во организација на Советот на амбасадори на тема „Северна Македонија меѓу Отворен Балкан и Берлинскиот процес: можно ли е побрзо членство во Европската Унија?”
– Вкупниот амбиент и во Европската Унија, но и во земјите кандидати за членство не остава голем простор да се надеваме дека процесот на евроинтеграција ќе добие некоја забрзана динамика, барам не на краток и среден рок, бидејќи Европската Унија нема јасен и консензуално усогласен план што ќе прави самата со себе, а како резултат на тоа ниту што ќе прави со Западниот Балкан, рече Црвенковски, потенцирајќи дека неговата иницијативата во оваа фаза не задира во и онака компликуваното одлучување во рамките на ЕУ.
Тој потенцира дека иницијативата би се однесувала на овозможување на земјите од регионот да пристапат до заедничкиот пазар и до европските фондови, но дека таа не би била никаква алтернатива или замена на полноправното членство во ЕУ.
– Напротив, тоа би бил еден меѓучекор или преодна фаза која би го олеснила остварувањето на таа цел, рече Црвенковски.
Според него, со прифаќањето и реализацијата на една ваква иницијатива земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси, а со самото тоа би биле и поподготвени за полноправно членство, а Европската Унија би го зајакнала својот кредибилитет и влијание во регионот и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија.
– Се разбира дека нема никаква гаранција ниту дека сите земји од регионот ќе се согласат и ќе застанат зад една ваква идеја, ниту пак доколку тоа се постигне дека ЕУ ќе ја прифати и ќе дојде до нејзина реализација. Но, ако не се обидеме никогаш нема да дознаеме каков би бил исходот. На крајот на краиштата нема што да изгубиме, нагласи Црвенковски.
Поранешниот претседател истакна дека за реализација на ваквата иницијатива би можела да се искористи веќе постојната Европска економска област, со што им се овозможува на Исланд, Лихтенштајн и Норвешка да учествуваат во внатрешниот пазар на ЕУ иако тие не се членки на Унијата.
– Втора можна варијанта со која би се избегнале сложените процедури за прием на нови членки во ЕЕО, а истовремено би се овозможил и пристап до Европските фондови, е доколку ЕУ потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан со кој истовремено би се овозможило учество на заедничкиот европски пазар и можност за користење на европските фондови, истакна Црвенковски.
Според него, би било добро земјите од Западниот Балкан, преку Берлинскиот процес, Отворениот Балкан или некоја друга форма на регионална соработка и комуникација да дефинираат и да усогласат една ваква заедничка иницијатива и со неа да настапат пред Европската Унија, со цел да се даде нов квалитет и нова динамика на интеграцијата и да се направи еден покрупен исчекор од сегашната статус кво ситуација.
– Со други зборови, ние, земјите кандидатки за членство да и помогнеме на ЕУ да дефинира една појасна стратегија кон регионот на Западен Балкан и процесот на негово интегрирање, порача Црвенковски.
Тој потенцира дека за ваквата иницијатива бил поттикнат од фактот дека таму каде што бевме лани се наоѓаме и денес, без видлив и сериозен напредок.
– И тоа не се однесува само за Македонија туку и за другите земји од регионот, без разлика дали ќе го нарекуваме Југоисточна Европа или Западен Балкан. Единствен исклучок можеби е Албанија за која беше донесена одлука за почеток на преговорите. Ние ги отворивме, но не ги почнавме преговорите. Како што стојат работите тешко е да се предвиди дали и кога тоа ќе се случи, нагласи Црвенковски.