Десетици илјади ранливи семејства оставени без субвенции за струја, реагираат експерти

Новата програма за енергетска поддршка на Министерството за енергетика, не опфаќа доволен број на семејства на кои им е потребна помош за надминување на енергетската сиромаштија, реагираат од здружението Инженери на Македонија. Од таму посочуваат дека над 38.000 домаќинства живеат на работ на сиромаштија, но и покрај тоа новата програма опфаќа 3.932 семејства што е помалку од еден процент од вкупниот број домаќинства во државата.

„Министерството за енергетика на 31 јули 2025 година ја промовираше новата Програма за заштита на ранливи потрошувачи на енергија, најавувајќи финансиска поддршка во износ од вкупно 47,3 милиони денари, 5 милиони во јуни и 42,3 милиони денари во јули годинава. Иако во јавноста ова се претставува како помош за најзагрозените граѓани, оваа програма опфаќа исклучително мал број домаќинства кои се во реална енергетска сиромаштија,“ посочуваат од здружението

Од вкупно 598.632 домаќинства попишани во 2021 година, според Министерство за енергетика, само 3.932 домаќинства ќе бидат опфатени како ранливи категории со право на субвенционирана сметка за струја, што е помалку од 0,7 отсто од сите домаќинства. Во оваа бројка влегуваат 313 домаќинства со деца со попреченост, 94 згрижувачки семејства, 192 домаќинства со лица со интелектуална попреченост, 1.583 домаќинства со лица со најтешка телесна попреченост, 750 домаќинства со лице со целосна слепост и 1.000 домаќинства со лице со целосна глувост.

Сепак, од здружението нагласуваат дека, според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година 38.627 домаќинства користеле гарантирана минимална помош, додека вкупно 72.337 лица вклучувајќи и 14.678 малолетни биле корисници на некој вид социјална заштита. Тие реагираат бидејќи десетици илјади сиромашни семејства, стари лица, невработени и самохрани родители се оставени надвор од мрежата на енергетска заштита.

„Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година предвидува 1.000 денари месечен попуст на сметката за струја во траење од 12 месеци. Овие 12.000 денари годишно по домаќинство, иако се добредојдени, се недоволни да ја покријат ниту половината од просечната годишна сметка за струја во еден македонски дом“, велат од здружението.

Дополнително, програмата вклучува и административни олеснувања како што е забрана за исклучување во зима, побрзо санирање на дефекти и ослободување од трошоци за повторно приклучување.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press