Дипломатска победа на Европа и Украина во ОН, резолуцијата на САД ко-спонзорирана од Македонија беше изменета

Обединетите нации денеска го отфрлија обидот на САД да се разводни ставот на Генералното собрание за руската војна во Украина, во моменти кога американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да посредува за мировен договор, што на Киев и европските сојузници им донесе дипломатска победа во светската организација,  објави Ројтерс.

Генерално собрание на ОН гласаше за ривалските нацрт-резолуции – една од Вашингтон чиј ко-спонзор беше и Северна Македонија и една напишана од Украина и европските држави – за одбележување на третата годишнина од руската инвазија на нејзиниот сосед.

Соединетите Држави беа принудени да се воздржат од гласањето за сопствената резолуција, откако европските земји успешно го изменија нацртот на Вашингтон за да додадат елементи кои што ја одразуваат долгогодишната поддршка на ОН за Киев за време на војната, вклучувајќи го суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Украина.

„Оваа војна никогаш не била само за Украина. Станува збор за фундаментално право на која било земја да постои, да избира свој пат и да живее ослободена од агресија“, рече заменик-министерката за надворешни работи на Украина Маријана Бетса пред гласањето во собранието.

Пресметката во Обединетите нации дојде откако Трамп започна обид да посредува за завршување на војната, што предизвика несогласување со украинскиот претседател Володимир Зеленски и ја зголеми загриженоста кај европските сојузници дека тие и Киев би можеле да бидат исклучени од мировните преговори. Американските и руските претставници се сретнаа минатиот вторник во Ријад, Саудиска Арабија.

Изменетата резолуција подготвена од САД освои 93 гласа за, додека 73 држави беа воздржани, а осум гласаа против. Меѓу воздржаните беше и Северна Македонија, која патем беше ко-спонзор на резолуцијата. Русија не успеа во обидот да го измени текстот на резолуцијата на САД за да вклучи упатување на „основните причини“ на конфликтот.

Пред гласањето за американскиот текст, вршителот на должноста амбасадор на САД во ОН, Дороти Шеј, рече дека предложените европски и руски промени бараат „војна на зборови наместо крај на војната“.

Таа рече дека амандманите нè одалечуваат „од она што се обидуваме да го постигнеме со оваа напредна резолуција: цврст консензус од членовите на ова тело да се обединат зад резолуцијата која повикува на крај на овој конфликт“.

Собранието ја усвои и резолуцијата подготвена од Украина и европските земји со 93 гласа „за“, 65 воздржани и 18 гласа „против“. Меѓу оние кои беа воздржани беше и Македонија. Покрај САД, против беа и Русија, Северна Кореја и Израел. Една од земјите кои гласаа „за“ украинско-европската резолуција беше и соседна Србија.

„Денес нашите американски колеги самите увидоа дека патот до мирот во Украина нема да биде лесен, и ќе има многумина кои ќе се обидат да се погрижат мирот да не дојде што е можно подолго. Но, тоа не треба да не спречи“, рече рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија.

Оригиналниот нацрт на САД беше вкупно три пасуси – жалење за загубените животи за време на „конфликтот Русија-Украина“, повторувајќи дека главната цел на ОН е одржување на меѓународниот мир и безбедност и мирно решавање на споровите и повикување на брз крај на конфликтот и траен мир.

Но, европските амандмани додадоа референци за целосната инвазија на Украина од страна на Русија и потребата за праведен, траен и сеопфатен мир во согласност со основачката Повелба на ОН и ја потврдија поддршката на ОН за суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Украина.

„Светот сака мир. Украина сака мир. Прашањето е: каков мир ќе биде тоа? Дали ќе биде мир заснован на правдата и на повелбата (ООН) и на принципите за кои се залагаме? Или ќе биде мир што е резултат на наметнување?“, рече канадскиот амбасадор во ОН Боб Рае.

Советот за безбедност, кој брои 15 членови, исто така, треба да гласа за истиот американски текст подоцна во текот на денот по локално време. За да биде усвоена резолуцијата на Советот потребни се најмалку девет гласа „за“ и да нема вето од страна на САД, Русија, Кина, Велика Британија или Франција.

Европските членови на Советот се очекува да предложат гласање за истите амандмани на текстот на САД кои беа изнесени на Генералното собрание. Претставник на Стејт департментот рече дека САД се подготвени да стават вето на сите предложени амандмани.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе