Ќе се бараат податоци од базните станици на Телеком за бројот на Палчо и неговото движење, одлучи судот
Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува на 7 март откако во Основниот Кривичен суд Скопје денеска беа изведени докази на предлог на одбраната на обвинетиот Љупчо Палевски. На следното рочиште е предвидено произнесување однос на материјалните докази, а веќе од расправата закажана за 12 март ќе започне распитот на обвинетите.
Одбраната на Љупчо Палевски денеска во Основен кривичен суд Скопје презентираше материјални докази, вклучувајќи уплатница од банка од 27 ноември 2023 година со која тврдат дека во критичниот период Палевски не бил на местото на убиството на Вања Ѓорчевска.
Адвокатите наведоа дека барале запис од надзорните камери на Халк Банка за истиот период за да утврдат кога Палевски влегол во банката. Според нив, Палевски двапати се враќал во банката во експозитурата Буњаковец на Партизански одреди поради уплатницата, а доставената уплатница покажува дека трансакцијата е направена во 11:40 часот.
Обвинителката коментираше дека времето на уплатницата не е релевантно за случајот, бидејќи видео снимки од Сејф сити покажуваат дека возилото на Палевски се вратило во седиштето на партијата Десна во 10 часот, а уплатницата е од 11:44 часот.
Судот го прифати предлогот да ја прибави како доказ снимката од Халк банка за периодот од 9 до 12 часот.
Одбраната на Палевски денеска поднесе предлог до судот да ги утврди базните станици на неговиот телефонски број, тврдејќи дека е невозможно обвинителството да нема информации за базните станици за него во овој период.
Судот го одби барањето да се утврди дали е одземено оружје од обвинетиот Боре Видевски, наведувајќи дека на оваа околност веќе се собрани докази.