Кочани, 15.03.2020
Мобилниот сервис за домашна посета во Кочани им овозможува поддршка на старите, изнемоштените и на лицата со посебни потреби во периодот на превенција од болеста КОВИД-19.
По иницијатива на градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, тимот составен од четири медицински сестри и тројца социјални работници, кој близу две години работи на домашна посета, ќе им помага на лицата кои не се во можност сами да се снабдат со лекови и прехранбени продукти. За таа цел, тие треба да се обратат на телефонските броеви на екипата од Мобилниот сервис за домашна посета и да известат кои се лековите и производите што им се потребни и да очекуваат да бидат услужени. Граѓаните сами ќе си ги покријат трошоците за потребните производи.
Кон овој тим ќе се придружат и ангажираните за помош на стари лица од активниот проект во Општина Кочани од Програмата за општинско корисна работа.
Броевите на кои граѓаните можат да се обратат се: 076 397 223 – Лидија Ефтимова; сестра Розетка 078 430 608; 078 505 567 – сестра Марија; 077 676 493 – сестра Надица; 078 667 598 – сестра Верче; 072 321 898 – социјален работник Ружица; 076 230 177 – социолог Валентина и 072 275 689 – Аника Илијевска Ѓорѓиева.
Мобилниот сервис за домашна посета, којшто се реализира како проект на Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и на UNDP, досега има посетено повеќе од 2 илјади пациенти, во општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево.
Според најавите на градоначалникот Илијев, од утре, како засилување на поддршката во превенцијата против коронавирусот ќе бидат ставени на располагање и возила на Општина Кочани.