Кочани, 17.08.2020
Паралелно со реконструкцијата на објектот наменет за планинарски дом на Пониква, во рамките на проектот „Планински велосипедски рај“ се гради пешачко-велосипедската патека што ги поврзува новиот мотел и круната на брана Гратче.
Стручните служби од Општина Кочани известуваат дека деновиве се завршува машинскиот ископ на патеката, а активностите ќе продолжат со порамнување на теренот и тампонирање. Патеката просечно е широка 1,5 м, долга 520 м и ќе биде поплочена со бехатон.
Со овој проект ќе се реконструира и постојната патека од месноста Бавчалук до локацијата Тополник. Тоа ќе значи подобрување на познатата релација која љубителите на пешачењето и на велосипедот вообичаено ја минуваат по асфалтниот пат од Кочани до Гратче.
Патеките ќе бидат означени со патокази, со уредени места за одмор, видиковци, клупи, канти за отпад и друга урбана опрема.
Проектот „Планински велосипедски рај“ вклучува изградба, реконструкција и надградба на постојните земјени велосипедски патеки и на Осоговските Планини: двете се на релација од Грaтче до Пониква и обратно, со должина од по 15 км, а третата планинска велосипедска патека е 2 км и води од круната на браната Гратче до Водопадите.
Уредувањето на пешачко-велосипедските патеки и патеките за планински велосипедизам и планинско пешачење во вкупна должина од 35 км, се очекува да ја зголеми атрактивноста на кочанскиот дел од Осоговијата и да ги промовира нејзините природни и културни локации.