Кочани, 06.12.2023
Доброволното противпожарно друштво од Кочани денеска доби опрема за лична заштита и технички уреди за меѓусебна комуникација на пожарникарите волонтери, што како донација ги обезбеди Амбсадата на Сојузна Република Германија.
Претставници на донаторот присуствуваа на примопредавањето на опремата што се реализираше со финансиска поддршка од фондот Мали проекти на Амбасадата.
-Амбасадата го поздравува хуманиот доброволен ангажман на членовите на ДПД – Кочани, кои освен во давањето помош во цивилната заштита, активни се и во областа на заштитата на животната средина и во обуките на најмладите во различни области. Особено го поздравувме вклучувањето на жените во нивните активности, а сигурни сме дека оваа донација е дадена во вистински раце. На Друштвото му посакуваме што помалку ситуации каде опремата за заштита и спасување ќе биде потребна, истакна Доминик Куберлинг, претставник на Одделот за економија и економска соработка во Амбасадата на Германија.
Од Доброволното противпожарно друштво се заблагодарија за донацијата и нагласија дека со обезбедувањето на опремата значително ќе се подобрат капацитетите, мобилноста и ефикасноста на пожарникарите, а граѓаните ќе добијат дополнителна заштита и сигурност.
– Нашите волонтери добија интервентни чизми, мобилни станици за комуникација меѓу пожарникарите на терен и оние во возилата, потоа моторни пили, турбомлазници за вода и заштитни маски. Преку овој проект остваривме уште една цел што беше приоритетна за оваа година, а тоа е набавка на контејнери за собирање и селекција на цврст отпад, што потоа ќе се носи во овластена фирма откупувач. Со тоа, освен еколошкиот ефект, ќе обезбедиме и финансиски средства за нашето функционирање, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.
Со примопредавањето на противпожарната опрема и контејнерите за селекција на отпадот кочанските пожаникари волонтери ја завршија импементацијата на проектот што се реализираше со поддршка од Германската амбасада.