Пред четврт век иберискиот рис бил пред исчезнување. Денес на Пиринејскиот Полуостров живеат повеќе од 2.600 единки. Зад овој пресврт не стои еднократна кампања, туку повеќедецениска работа на институциите во Шпанија и Португалија, научниците, локалните заедници и Европската Унија.
Нивното искуство не може едноставно да се преслика врз балканскиот рис. Станува збор за различни животни, живеалишта и закани. Но, тоа јасно покажува што е потребно за спасување на еден загрозен вид: долгорочна државна политика, заштитено и функционално живеалиште, постојан научен мониторинг, спречување на ловокрадство, обновување на популација на животни кои се плен за рисовите, како и институции што навистина ги спроведуваат донесените планови.
Токму тие услови во Северна Македонија сè уште не се целосно обезбедени.
Од работ на исчезнувањето до 2.663 единки
На почетокот на овој век, иберискиот рис (Lynx pardinus) се сметала за најзагрозената дива мачка во светот. Во 2001 година биле проценети само 62 зрели единки, распоредени во неколку изолирани подрачја во јужна Шпанија, додека во 2002 година биле преброени вкупно 94 единки.
Според најновиот официјален попис, објавен од шпанското Министерство за еколошка транзиција во јуни 2026 година, популацијата на рисови во Шпанија и Португалија во 2025 година достигнала рекордни 2.663 единки – 10,9 отсто повеќе од претходната година. Од нив, 2.269 живееле во Шпанија, а 394 во Португалија.
Регистрирани биле 542 женки што се размножуваат, кои во текот на годината донеле на свет 952 младенчиња. Тоа е значителен напредок кон целта од најмалку 750 репродуктивни женки, што експертите ја сметаат за неопходна за видот да постигне поволна состојба на зачуваност.
Ова е понов податок од бројката од 2.021 единка во 2023 година, која сè уште се наведува во повеќе меѓународни медиумски текстови.
Поради закрепнувањето, во 2024 година Меѓународната унија за зачувување на природата – IUCN го промени глобалниот статус на иберискиот рис од „загрозен“ во „ранлив“. Сепак, тоа не значи дека видот е целосно безбеден.
Успехот донесе и нови ризици
Во 2025 година биле регистрирани 273 угинати ибериски рисови. Од нив 212, односно речиси 78 отсто, загинале на патишта и покрај друга сообраќајна инфраструктура. Шпанските институции предупредуваат дека, како што рисот се шири на нови територии, мора побрзо да се утврдуваат опасните делници и да се градат безбедни премини за дивите животни.
Податоците покажуваат дека закрепнувањето не ја завршува потребата од заштита. Напротив, проширувањето на популацијата бара постојано приспособување на патиштата, земјишното планирање и другата инфраструктура.
Рисот не бил спасуван изолирано од неговата средина
Иберискиот рис е специјализиран предатор чија исхрана во голема мера зависи од дивиот европски зајак. Кога бројноста на зајаците опаднала поради болести, промени во користењето на земјиштето и уништување на живеалиштата, опаднала и популацијата на рисот.
Затоа шпанските и португалските програми не се ограничиле на чување или размножување на рисови. Тие опфатиле:
- обновување и поврзување на соодветните живеалишта;
- мерки за зголемување на популацијата на дивиот зајак;
- одгледување рисови во специјализирани центри и нивно контролирано враќање во природата;
- генетско управување со малите и изолирани популации;
- поставување фотозамки и следење со радио и ГПС-околувратници;
- соработка со земјопоседници, земјоделци и ловечки организации;
- намалување на криволовот и поставување премини и заштитни огради на опасните делници;
- следење на болестите кај рисот и кај неговиот плен.
Од 2011 година во природата биле пуштени повеќе од 400 единки од програмите за контролирано размножување. Паралелно се создавале нови популациски јадра за видот да не зависи од опстанокот на само една или две групи.
Овие активности биле спроведувани преку последователни проекти од европската програма LIFE, со учество на шпанските и португалските државни институции, регионалните власти, научни установи, невладини организации и локалното население. Проектите помогнале да се започнат и развијат мерките, но институциите ја презеле одговорноста за долгорочната програма.
Балканскиот рис е во многу поопасна положба
Балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) е подвид на евроазискиот рис и е оценет како критично загрозен. Според Програмата за закрепнување на балканскиот рис, во целиот негов ареал се преостанати помалку од 50 единки.
Најважното познато јадро се наоѓа во Националниот парк „Маврово“ и околните планински подрачја. Други единки се регистрирани во Албанија и Косово, додека присуството во поширокиот регион е ретко и фрагментирано.
Истовремено, мониторингот покажува дека рисот се размножува и надвор од неговото традиционално јадро. Во декември 2025 година на Шар Планина беше снимена женка со младенче, а во март 2026 година фотозамките регистрираа уште две единки, со што бројот на препознаени рисови во Националниот парк „Шар Планина“ се зголеми на пет. Овие наоди се охрабрувачки, но не докажуваат дека целата популација закрепнува.
Истражувањето на Диме Меловски од Македонското еколошко друштво, Инес Морено и нивните колеги од МЕД и швајцарската фондација КОРА, објавено во 2025 година во списанието „Global Ecology and Conservation“, дава загрижувачка слика. Во студијата заснована врз десет години следење со фотозамки, научниците анализирале околу 180 регистрирања на рисови во Маврово во периодот од 2013 до 2023 година.
Проценетата густина на балканскиот рис во неговото главно живеалиште се намалила за речиси половина. Бидејќи популацијата е веќе исклучително мала и изолирана, ваквиот тренд претставува сериозна опасност за нејзиниот опстанок.
Претходно истражување на Меловски и неговите колеги покажало дека балканскиот рис користи големи територии, но дека неговата стапка на улов на диви копитари е пониска отколку кај некои други европски популации на рис. Тоа упатува на недостиг од плен, особено срни и дивокози. Студијата за неговата просторна и прехранбена екологија затоа ја нагласува потребата да се управува не само со рисот, туку и со целиот екосистем од кој зависи.
Генетската изолација бара внимателна интервенција
Дополнителен проблем е малата генетска разновидност. Во истражување објавено во 2022 година, научниците ги анализираат еколошките разлики меѓу балканскиот рис и соседните популации како основа за негово генетско засилување.
Мета.мк во декември 2025 година објави дека, поради најниската генетска разновидност меѓу истражените популации на рисови во Европа, се подготвува генетско засилување со единки од Карпатите. Целта не е да се замени балканскиот рис, туку контролирано да се намали ризикот од натамошно размножување во сродство и наследни нарушувања.
Таквата интервенција не значи едноставно носење рисови од друго место. Таа бара генетски анализи, внимателен избор на единките, ветеринарни и научни протоколи, долгорочен мониторинг и, пред сè, претходно обезбедено живеалиште во кое засилената популација ќе може да опстане.
Маврово е јадро на популацијата, но без заокружена заштита
Постои голем контраст меѓу научното значење на Маврово и неговиот институционален статус.
Како што објави Мета.мк во септември 2026 година, „Маврово“ е единствениот национален парк во земјава што сè уште не е репрогласен согласно со важечката законска рамка и нема усвоен план за управување. Со новата студија за ревалоризација било предложено повеќе од половина од неговата територија да биде ставена во зона на строга заштита или активно управување.
Постапката не е ново најавена. Мета.мк уште во јуни 2023 година објави дека започнала подготовката на дополнета студија за ревалоризација и план за управување. Повеќе од три години подоцна, процесот сè уште не е завршен.
Ова не е само административно прашање. Без законски завршено репрогласување, јасно утврдени зони, важечки план за управување, стручен кадар и редовен буџет, многу потешко се контролираат ловот, шумските активности, инфраструктурните проекти, туризмот и другите притисоци врз живеалиштето.
Ризиците не се ограничени на формалниот статус на паркот. Во февруари 2026 година „Еко-свест“ предупреди дека обновувањето на проектот за хидроелектраната „Бошков мост“ може да го загрози опстанокот на балканскиот рис. Организацијата посочи и на обврските на државата според Бернската конвенција. Случајот покажува зошто влијанието врз рисот, неговиот плен и поврзаноста на живеалиштата мора да се проценува пред одлуките за големи инфраструктурни проекти, а не откако тие веќе ќе бидат политички или финансиски договорени.
Последното предупредување дојде со видеоснимките на странски ловци придружувани од возило со ознаки на Националниот парк, на кои се гледа отстрел на дивокоза. Настанот е релевантен за балканскиот рис затоа што дивокозата е дел од неговата природна пленска база. Независно од правното образложение за конкретниот отстрел, случајот ја покажува потребата сите одлуки за лов и управување со дивечот во клучното живеалиште на критично загрозен предатор да бидат научно образложени, транспарентни и достапни за јавноста.
Што треба да се направи на Балканскиот Полуостров?
Шпанското и португалското искуство покажува дека не е доволно рисот да биде формално заштитен вид или национален симбол на монетата од пет денари. Потребна е оперативна програма со институционална одговорност, буџет, рокови и мерливи резултати.
Да се заврши заштитата на Маврово
Прв чекор е итно завршување на репрогласувањето на НП „Маврово“ и донесување план за управување со јасни зони и мерки за заштита на главните подрачја за размножување на рисот. Планот мора да биде придружен со стабилен буџет, стручен кадар и механизми за надзор и јавна отчетност.
Мониторингот да стане трајна државна обврска
Работата со фотозамки, генетски примероци и ГПС-околувратници не смее да зависи исклучиво од времетраењето на поединечни проекти. Податоците треба редовно да се собираат според усогласена методологија, а институциите секоја година да објавуваат показатели за бројноста, размножувањето, смртноста и распространетоста на рисот.
Да се заштитат пленот и коридорите
Заштитата мора да ги опфати и неговите пленски видови. Тоа подразбира научно засновани процени за бројноста на срната (Capreolus capreolus), дивокозата (Rupicapra rupicapra) и дивиот зајак (Lepus europaeus), како и соодветни ограничувања на ловот таму каде што нивните популации се намалени.
Постојат и практични активности за обновување на живеалиштата. Во 2025 година Македонското еколошко друштво и ЈП „Национални шуми“ започнаа пошумување со 21.000 автохтони букови садници на Буковиќ, кој е еден од најважните коридори меѓу подрачјата што ги користи балканскиот рис. Ваквите мерки треба да бидат дел од поширока мрежа на функционални и законски заштитени коридори.
Патиштата да не бидат смртоносни граници
Опасноста од сообраќајната инфраструктура веќе не е само теоретска. Во февруари 2026 година балкански рис беше прегазен на патот Ресен–Охрид, по што Македонското еколошко друштво повторно побара зелени мостови и други премини за безбедно движење на дивиот свет. Мета.мк уште во 2022 година известуваше за потребата од зелени премини во коридорите Буковиќ–Сретково и Селечка Планина.
Споредбата со Шпанија е предупредувачка: таму растечката популација изгубила 212 единки на патиштата за една година. За балканскиот рис, чија вкупна популација е помала од 50 единки, загубата на само едно животно може да има несразмерно големи последици.
Да се спроведуваат законите и да се вклучат локалните заедници
Потребни се посилен надзор против криволовот, обучени и опремени чуварски служби и координација меѓу управувачите на заштитените подрачја, полицијата, инспекторатите и обвинителството. Во работата треба да бидат вклучени и локалните жители, ловечките здруженија, земјоделците и туристичкиот сектор, со јасни правила, едукација и механизми за пријавување незаконски активности.
Регионалните обврски да станат национални мерки
Бидејќи рисот не ги препознава државните граници, Македонија, Албанија и Косово треба да користат усогласени методи за мониторинг, да разменуваат податоци и да ги заштитат коридорите меѓу популациските јадра. Балканскиот рис во 2024 година доби повисоко ниво на заштита според Бонската конвенција, при што Северна Македонија и Албанија се обврзаа на прекугранична соработка.
Во март 2026 година беше поддржана и регионална стратегија за балканскиот рис, насочена кон национални акциски планови, поврзување на живеалиштата и зголемување на генетската разновидност. Следниот тест е нејзиното спроведување преку конкретни национални мерки, буџети и одговорни институции.
Опоравувањето е можно, но бара функционални институции
Иберискиот рис не бил спасен со една одлука, една донација или неколку пуштени животни во природата. Неговото закрепнување било резултат на повеќе од две децении институционална работа, научно следење и постојано приспособување на мерките. Најновите податоци за жртвите на патиштата покажуваат и дека заштитата мора да продолжи дури и кога бројноста расте.
Балканскиот рис веќе има посветени научници и организации што со години го истражуваат и го следат. Она што недостига е нивните сознанија да станат задолжителна основа за управувањето со Маврово и со другите негови живеалишта.
Примерот од Шпанија и Португалија покажува дека опоравувањето на една дива мачка од само неколку десетици единки е можно. Но, состојбите од Маврово предупредуваат дека времето за балканскиот рис не работи во негова и наша корист.
