Кочани, 25.05.2024
Денес во Кочани, група граѓани од здружението на граѓани „Јосип Броз Тито“, со интонирање на химната и веење знамиња од поранешна Југославија, го одбележаа Денот на младоста и роденденот на нивниот патрон.
Тие, во своите возила, поминаа по улиците на градот, носејќи ја и гордо покажувакќи ја штафетата на младоста, која свечено му беше предадена на претседателот на здружението, Трајан Трендов.
-Ние сме единствените во Македонија и во овој дел на Балканот што организирано го одбележуваме еден од најубавите празници во поранешната заедничка држава, празник што го симболизираше заедништвото, единството и младешкиот дух како основа на развојот и напредокот на сите народи и народности кои беа дел од СФРЈ. За жал, денес младите не знаат, а постарите како намерно да сакаат да ги заборават придобивките од времето кога слободно, без пасош, се движевме, работевме и се образувавме од Гевгелија до Триглав, од Суботица до Бар. Тогаш бевме другари, денес сме меѓусебно поделени дури и во сопствената држава. Сепак, сè додека сме живи ќе го негуваме споменот на тоа време и ќе им ја пренесуваме на помладите пораката за толеранција и почитување, истакна Трендов.
Од ова здружение порачуваат дека тие не ја негуваат југоносталгијата, туку оддаваат почит на периoдот кога конечно е остварен вековниот стремеж на македонскиот народ за своја држава.
-На годинешниот 25 мај се навршуваат 132 години од раѓањето на маршалот и претседател на поранешна Југославија, Јосип Броз Тито, а неспорен е неговиот личен и приодонесот на партијата на чие чело се наоѓаше за признавањето на македонската нација и држава, која по завршувањето на Втората светска војна се најде во заедничките граници на некогашната татковина. Наша задача е и понатаму да ја пренесуваме титовата порака за заедништво и меѓусебно почитување за да не го изгубиме тоа што пред осум децении крваво сме го стекнале, истакна Ѓорѓи Николов, член на здруженито „Јосип Броз Тито“.
Од свеченоста во Кочани титовистите упатија писмена честитка до своите колеги од другите здруженија во поранешните југословенски републики, кои традиционално и годинава организираат голем собир кај српскиот град Панчево.