Штип, 01.02.2018
Изградба на брана на река Отиња е проект кој со консензус е прифатен од политичките репрезенти на Штип, а тоа е проект кој претставува и повеќедецениска желба на штипјани. Овој капитален за градот проектот е поддржан од ајтуелната Влада на Македонија и во таа смисла Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за годинава предвиде десет милиони денари, пари кои ќе бидат употребени за обнова на целокупната документација. Ова го истакна Љупчо Николовски, министер за земјоделство, водостопанство и шумарство при денешната посета на Штип и разговорот со градоначалникот Благој Бочварски.
Во разговорите учествуваше и директорот на Управата за водостопанство, професор од Градежен факултет во Скопје кој е еден од изработувачите на актуелниот проект за брана на река Отиња.
„Денес со министерот Николовски разговаравме за идните чекори кои ќе бидат превземени од страна на Општина Штип во соработка со Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, а со цел реализација на овој особено значаен проект за граѓаните на нашата општина. Изградбата на брана на реката Отиња е штипски сон кој трае со децении, а мене како градоначалник посебно ми е значајно тоа што овој проект е високо на агендата на Влада на Република Македонија. Сите знаеме дека браната на Отиња за нашата општина и за граѓаните на нашиот град е од врвен приоритет“, рече градоначалникот Бочварски.
Изградбата на оваа брана е капитален проект чијашто реализација беше ветена во предизборниот период. Во моментов се преземаат неопходните мерки за забрзување на процедурите за што поскоро да се започне со реализација.