Македонската црква и нејзините претставници како промотори на руските и антизападни наративи

С. Македонија, како земја која е членка на НАТО и во процес на преговори за членство во ЕУ, се наоѓа во чувствителна фаза на демократска и институционална консолидација, објави Вистиномер во својата нова анализа. Црквата, со своето влијание врз јавноста и посебно врз конзервативниот дел од популацијата, игра улога во оформувањето на перцепцијата за геополитичката ориентација на државата. Реториката на „загубениот суверенитет“, „диктатот од Брисел“ и „западното расипништво“ што доаѓа и од црковни кругови, може да ја поткопа довербата во евроинтеграциските процеси, особено меѓу религиозните граѓани и помалку информирани слоеви на општеството, пишува „Вистинмер“. 

Во последната деценија, улогата на религиозните институции во политичките и идеолошките процеси во Северна Македонија станува сè поизразена. Особено видливо е влијанието на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) преку нејзини претставници кои сè почесто заземаат ставови што се совпаѓаат со реториката на Руската православна црква и поширокиот идеолошки проект познат како „Рускиот свет“ (Русский мир). Овие ставови се карактеризираат со силна антизападна реторика, отфрлање на либералните вредности и недвосмислена поддршка за позиции блиски до Руската Федерација.

Овие ставови се особено видливи за време на јавни расправи за носење закони за родова еднаквост, сексуално образование и признавање на трансродови лица. Дел од свештениците активно учествуваат во јавни трибини и медиуми каде промовираат дискурс на морална паника, тврдејќи дека „традиционалните вредности“ се под закана од „глобалистичките агенди“.

Во овој контекст, црквата не само што врши духовна функција, туку и станува активен чинител во културната и политичката сцена, позиционирајќи се како чувар на нацијата, традицијата и „вистинските вредности“.

Северна Македонија, како земја која е членка на НАТО и во процес на преговори за членство во ЕУ, се наоѓа во чувствителна фаза на демократска и институционална консолидација. Црквата, со своето влијание врз јавноста и посебно врз конзервативниот дел од популацијата, игра улога во оформувањето на перцепцијата за геополитичката ориентација на државата.

Реториката на „загубениот суверенитет“, „диктатот од Брисел“ и „западното расипништво“ што доаѓа и од црковни кругови, може да ја поткопа довербата во евроинтеграциските процеси, особено меѓу религиозните граѓани и помалку информирани слоеви на општеството.

„Да се поништи одвратниот Преспански договор“

На Фејсбук последниве денови, поддржувачи на Русија кои постојано шират проруски наративи и отворено ја поддржуваат руската воена агресија врз Украина, ја споделуваат колумната на Митрополитот повардарски Агатангел објавена во „Нова Македонија“, со наслов „Црната чума што од Европа се зададе“. Во колумната, Агатангел повикува веднаш да се поништи „одвратниот“ Преспански договор и да се запре и оневозможи секој договор со Бугарија. Повод за неговата колумна е  усвојувањето на Извештајот на европратеникот Томас Вајц за напредокот а С. Македонија за 2023 и 2024 година (на 9 јули во Европскиот парламент). По усвојувањето на Извештајот, во кој не е содржана формулацијата „македонски идентитет и јазик“, противници на Европската Унија дезинформаа дека во ЕП се гласало за тоа дали има Македонци, а се отиде дури и дотаму што се тврдеше дека ЕУ вршела геноцид врз Македонија и Македонците.

Веднаш треба да се пристапи кон поништување на одвратниот Преспански договор. Од него сè почна, кај него сè треба да заврши. Треба, исто така да се запре и да се оневозможи секој договор со Бугарија, кој и барем малку задира во нашето уставно уредување, во нашиот фолклор, во нашата македонска култура. Името на државата Македонија е идентитет на народот, што живее во неа. Последната постапка на европските парламентарци егзактно ни ја реши оваа равенка. Само храбро македонски народе, добриот Бог ги штити Своите верни чеда, ги пази и ги закрилува оние, што усрдно се борат за секоја правда и слобода! Ја повикувам нашата влада во иднина, во ваков контекст, да ја приспособи и да ја спроведува својата политика. Истовремено, сиот македонски народ, од целиот свет, од сите континенти, конечно треба да се обедини и да го крене својот глас против сите овие неправди, со кои Европа со децении нè измачува, истакнува Агатангел во колумната.

Во неговата колумна може да се забележи и прорускиот наратив дека ЕУ е фашистичка, дезинформација која Вистиномер ја има дебанкирано во повеќе наврати.

Европа, во меѓувреме, тонејќи сè повеќе во морална корупција и расипаност, си ги напушташе своите вековни вредности. Таа постепено го спушташе гардот пред силните налети на грчкиот и бугарскиот шовинизам. Како и повеќепати досега во последните дваесетина години, откако ќе биде втерана во ќоше, таа единствениот излез за својата слабост го пронаоѓа во безобразното насилие и агресија. Европа на Хегел, Кант, Иго и Верди, стана Европа на Живков, Каравангелис и нивните бодигарди. Идејата за обединета Европа, како предводник на прогресот, поредокот и квалитетниот живот, се претвори во Европски сојуз пред распаѓање, во свет на корупција, додава Агатангел.

Но, она на што Агатангел очигледно заборава е дека благодарение на тој Преспански договор се стави крај на повеќедеценискиот спор со Грција околу името на нашата држава, а С. Македонија стана членка на НАТО. Со Преспанскиот договор не се сменети македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

Дека е тоа така може да се види ако се погледне содржината на Договорот  кој беше ратификуван и во Собранието. Во овој документ, со кој новото име на државата е „Република Северна Македонија“ за севкупна употреба со превод на сите јазици, нема ниту една одредба со која се загрозуваат македонскиот идентитет и македонската посебност, ниту, пак, се бришат термините „Македонија“ и „македонски“.

Механизмите за раскинување или модифицирање на Преспанскиот и на Договорот со Бугарија се малубројни, а последиците огромни. За тоа повеќе прочитајте тука.

МПЦ-ОА против родовата еднаквост

Антизападните и проруски наративи на МПЦ-ОА и на нејзините претставници можат да се забележат и во еден друг сегмент. Европскиот парламентарен форум за родови и сексуални права неодамна го презентираше извештајот „Следниот бран: Како религиозниот екстремизам ја враќа силата“. Публикацијата е истражување за потеклото, агендата и финансирањето на антиродовите трендови во периодот од 2019 до 2023 година.

Во Извештајот се спомнува и Македонија, конкретно протестот организиран од црквата во 2023 година, нагласувајќи ја поврзаноста на македонската црква со Москва.

Слични шеми се појавија и во други земји каде мнозинството е православно со цркви поврзани со Москва. Во Северна Македонија, Македонската православна црква ги предводеше протестите во јуни 2023 година против законите за родова еднаквост и матична евиденција, при што многу од демонстрантите се документирани како приврзаници на руски мрежи, се наведува во Извештајот, пренесе „360 степени“.

Тогашниот претседател Стево Пендаровски, откако МПЦ-ОА повика на протест, изјави дека според НАТО, луѓе од високо ниво во синодот на МПЦ соработувале со руски служби.

Руско влијание неспорно имаше и при упадот на 27 април во Собранието, но не можеме да кажеме дека немаше легитимно незадоволство на граѓаните. И сега ако имате повик од највисоката инстанца, Синодот на МПЦ, не може да речеме дека руска служба го натерала дедо Стефан да потпише такво соопштение. Постои легитимна загриженост кај Синодот, не зборувам дали се во право или не се, има аргументи про и контра. Дека ќе има налепено и такви елементи, има, има такви елементи и во највисокото раководство на Синодот тие тоа го знаат. Во највисокото раководство на Синодот, не мислам на поглаварот. Јас знам и тоа сум им го кажувал на највисоките црковни великодостојници. Се базирам на извештаите на органите кои се бават со таа работа. Не само на Агенцијата за разузнавање, членка сме на НАТО, од 30 други земји членки, од 30 други служби добивам информации бидејќи сме дел од тој заеднички систем за споделување на информации од разузнавачки и безбедносен карактер. Ние немаме таква сила од тука во Скопје да знаеме што се случува во Кремљ, меѓутоа во тоа партнерство ни помагаат доста и имаме доволно информации што се случува, не само со МПЦ, изјави тогаш Пендаровски (30.06.2023).

Антиродовите ставови на македонската црква одат рака под рака со про-Кремљ наративите дека Русија и нејзиниот претседател Путин се вистинските заштитници на православието и на традиционалните вредности, наспроти „блудната ЕУ“ која сака да ги уништи.

Мит е дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“, односно дека „Русија води света војна против безбожните сатанисти во Украина за да го заштити христијанството и традиционалните вредности“, оценува Euvsdisinfo во својата анализа за руската војна во Украина.

Честопати, про-Кремљ експертите за дезинформации, особено Владимир Соловјов го користат овој дезинформациски наратив во врска со неоснованите обвинувања против Украина за наводен обид за уништување на Православната црква. Оваа манипулативна тактика се засили во 2019 година кога на Православната црква на Украина ѝ беше доделен статус на независна црква и повторно во ноември 2022 година кога украинската влада објави дека ќе подготви закон за забрана на црквите поврзани со Русија, пишува Euvsdisinfo.

Николовски: МПЦ-ОА уште еден чекор поблиску до Москва

Дека МПЦ-ОА се повеќе се приближува кон Москва, предупредува и новинарот и познавач Марјан Николовски наведувајќи дека продолжува експериментот „автокефална МПЦ” што го смисли Руската, а го спроведува Српската црква.

Откако сите цркви, освен иницијаторите, и Бугарската, се изјаснија дека автокефалност нема без Томос од Вселенската патријаршија (романската јасно стави до знаење дека за официјализирање на автокефалноста ќе чека и таков Томос) сега Белград и Москва смислиле друго сценарио за да билдаат наводно признавање на Томосот од СПЦ. Таква одлука донела Американската православна црква, чија автокефалност освен Руската, не ја признава ниту една друга црква. Е сега МПЦ ОА и АПЦ ќе сослужувале и ќе се самопризнаеле, откако такво нешто средиле СПЦ и РПЦ. АПЦ вели по предлог на СПЦ, во Вашингтон ќе одел Стефан да сослужува со Тихон. Внимавајте! За да парадoксот биде уште поголем, автокефалноста на Американската црква не ја признава ниту СПЦ. Порфириј не го споменува Тихон на литургии, но Стефан ќе го споменува. Само за да му се брои дека една црква плус ја признала МПЦ за автокефална. Што е следно, СПЦ ќе среди признавање и од некои од оние ориенталните цркви? Поголемо понижување не може да биде смислено. Ова значи дека СПЦ ја внесе МПЦ ОА директно во судирот Москва-Фанар, односно, поточно, МПЦ ОА и официјално се престрои во рускиот црковен свет, каде што ниту СПЦ не припаѓа во ваква форма, иако тоа го поддржува. Ова значи дека високиот клир на МПЦ ОА е веќе руска црковна инсталација во државата и како таков во иднина треба да се третира. Колку порано државата тоа го осознае, толку помали ќе бидат последиците, пишува Николовски во текст на порталот „Религија“.

Претставниците на МПЦ-ОА играат сè поистакната улога во обликувањето на општествениот дискурс во Северна Македонија. Преку изразени проруски и антизападни ставови, тие не само што ја репродуцираат доктрината на Руската православна црква, туку и активно учествуваат во геополитичката и културната битка што се одвива во регионот. Таквата улога на црквата отвора сериозни прашања за границите меѓу верата и политиката и за иднината на македонското општество во контекстот на неговата стратешка ориентација.

Пишува: Ана Анастасовска

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press