Независни граѓански иницијативи се обединуваат во заедничка платформа за учество на локалните избори

Во обид да се спротивстават на обидите на партиите да ги истиснат независните иницијативи од изборниот процес, повеќе граѓански движења и активисти се здружуваат во заедничка, формално регистрирана платформа. Тие најавуваат заедничко делување на претстојните избори со цел да понудат вистинска алтернатива која ќе ги претставува интересите на граѓаните.

Во оваа нова платформа веќе се приклучени иницијативите „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“, „Зелените од Гази Баба“.

Иако дел од организациите, вклучително и „Зелен хуман град“, во изминатиот период разговараа за формирање заедничка партиска платформа, од оваа нова алијанса посочуваат дека ЗХГ сепак одлучил да настапи самостојно како партија. Останатите иницијативи остануваат здружени и најавуваат формирање на заедничка политичка платформа која, според закон, мора формално да се регистрира како партија.

„Граѓаните имаат право да изберат претставници кои навистина ги застапуваат нивните интереси. Наша цел е да им ја дадеме таа можност преку обединет и транспарентен настап“, велат од иницијативата.

Тие најавуваат дека наскоро ќе ги објават листите со кандидати и информации за процесот на поддршка потребен за регистрација.

Граѓаните ќе имаат можност да дадат потпис за поддршка, но се потсетува дека според законот, потпис може да се даде само за една новоформирана партија. Затоа, од платформата повикуваат на информиран избор и упатуваат на потребата од јасна слика за тоа каде се гледа вистинската граѓанска алтернатива.

„Ќе настапиме здружено, со чесни луѓе, силна визија и искуство стекнато на терен. Нашата борба продолжува – отворено, храбро и заеднички“, порачуваат оттаму.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press