Штип, 23.12.2024
Денес од печат излезе најновата книга на писателот Трајче Кацаров „Немој да кажеш, навистина немој да кажеш“. Во импресивно творештво на Кацаров кој живее и твори во Штип се регистрирани над педесет издадени дела драми, поезија, проза, книги за деца, собрани колумни…
„Духовита, одживеана, небесна книга обвиена со нежна, копринеста, како прилца на пеперутка, завеса од спомени. Во секоја прозна минијатура, во секоја ритмичка целина од зборови, искричаво се судираат видливото и невидливото, физичкото со духовното, а во исто време и се преплетуваат, како што се преплетуваат стварното и сонуваното, конкретното и апстрактното“ напиша во својата рецензија писателот Блаже Миневски.
На 136 страници застапени се стотина прозни минијатури објавувани последниве две години на социјалните мрежи и во весниците Нова Македонија и Штипски Глас.
„Инспирацијата за овие минијатури ја најдов во секојдневието, во нашиот духовен и емотивен јавен живот, во моите сеќавања на минатото, нешто што само по себе претставува детерминирање на човекот како социјална единка“, изјави Кацаров за нашиот портал.
Книгата „Немој да кажеш, навистина немој да кажеш“ е возбудливо четиво кое ги додирнува најемотивните сетила на читателот, тоа е ракопис кој се чита во еден здив и поради нејзните високи книжевни вредности топло ја препорачуваме да си најде дом во секоја домашна библиотека.