Обвинение за две лица по нападот врз градоначалничката Арсовска, предложен притвор за едниот осомничен
Основното јавно обвинителство Скопје отвори постапка против две лица осомничени за кривично дело „Насилство“, во врска со вчерашниот напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Како што соопшти Обвинителството, првоосомничениот ѝ се заканувал и ја нападнал Арсовска додека таа заедно со службите од Град Скопје извршувала вонреден надзор на бесправна градба на улицата „Севастополска“ во Чаир. Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, по што почнал со навреди и закани, а потоа и со физички напад врз градоначалничката.
„Првоосомничениот вчера се заканувал и физички ја нападнал градоначалничката на Скопје, која заедно со вработени во градските служби, по претходна пријава, излегле да извршат вонреден надзор на нелегален објект во градба на улицата “Севастополска”. Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да и се заканува, по што и физички ја нападнал,“ велат од обвинителството.
Откако бил отстранет од местото од страна на полициски службеници и членови на градската инспекција, со закани продолжил и второосомничениот, кој се вклучил во инцидентот. Според Обвинителството, нивните дејства предизвикале чувство на несигурност и страв кај присутните.
Јавниот обвинител предложи мерка притвор за првоосомничениот, поради ризик од повторување на делото, како и можност за бегство.
За второосомничениот се предложени мерки на претпазливост, меѓу кои: забрана за приближување и контакт со градоначалничката и оштетените, забрана за напуштање на живеалиштето, одземање на патна исправа и редовно јавување кај надлежно службено лице во судот.