Процесот на испитување на оштетените од трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, која се случи минатиот месец, се предвидува да започне од почетокот на мај, за што ќе следи дополнително известување, имајќи го предвид големиот број оштетени и засегнати лица кои ќе бидат испитани, информираат во Основното јавно обвинителство (ОЈО).
„Обвинителскиот тим кој постапува во предметот во врска со пожарот во кочанскиот клуб „Пулс” интензивно презема итни дејствија кои не трпат одлагање и кои во моментов опфаќаат сослушувања и координација на вештачења неопходни за обезбедување докази за кривичната постапка“, се вели во исвестувањето од Обвинителството.
Дополнително, додаваат оттаму, во моментов се прибавуваат сите контактни и адресни податоци за оштетените од настанот и семејствата на настраданите, како и за нивните полномошници во постапката.
„Во зависност од здравствената состојба на повредените и останатите услови, според однапред утврдена динамика и распоред, обвинителството навремено ќе ги извести сите засегнати лица за остварување на нивните права и за вклучување во постапката со нивно испитување“, се додава во известувањето од Обвинителството.