Одбележани 13 години од смртта на првиот претседател на државата, Киро Глигоров

Денеска се одбележуваат 13 години од смртта на првиот претседател на државата Киро Глигоров. Делегацијата на Владата, предводена од министерот за јавна администрација, Горан Минчев, положи цвеќе на вечното почивалиште на Глигоров на Градските гробишта Бутел во Скопје.

Министерот Минчев нагласи дека делото на Киро Глигоров е трајно врежано во темелите на современата македонска држава и дека неговата визија продолжува да инспирира генерации.

„Киро Глигоров беше симбол на мудрост, достоинство и државничка одговорност. Неговата посветеност кон демократијата и суверенитетот останува светла точка во нашата историја“ – истакна Минчев и потсети на неговото мудро раководење во еден од најпредизвикувачките периоди од историјата на нашата држава, како и на неговата улога во обезбедувањето независност преку мирен пат.

По повод одбележување на 13-годишнината од смртта на првиот претседател на Републиката, Киро Глигоров, градоначалникот на Општина Центар потсети дека поранешниот претседател Киро Глигоров е личноста што ги поврза двата столба на македонската државност – АСНОМ 1944 и 8-ми Септември 1991.

„По неговиот пат на соработка, на соживот, на градење мостови продолжуваме и ние, следните генерации. Како градоначалник правам сѐ за да го продолжиме неговиот аманет – да се грижиме за граѓаните, демократски да ја развиваме земјата и да вложуваме во подобра иднина. Со отворањето на основното училиште „Киро Глигоров” во Општина Центар, со едукација на младите за историјата и одење на патот којшто тој го зацрта продолжуваме да се грижиме за ликот и делото на првиот македонски претседател”, вели Герасимовски.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе