И Тимчо Муцунски, кој беше градоначалник на Општина Аеродром две години и осум месеци, како и неговиот наследник на таа функција, Дејан Митески, не го остварија предизборното ветување за изградба на барем еден од ветените два кружни тека кои би го намалиле сообраќајниот хаос во оваа општина, на помалку од 6 месеци пред одржувањето на локалните избори во нивниот редовен термин во октомври 2025 година, пишува „Вистиномер“.
Во предизборната програма за локалните избори за градоначалници на општини што се одржаа на 17 октомври 2021 година, кандидатот за градоначалник на општина Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, Тимчо Муцунски, меѓу другите ветувања од програмската платформа „Гарантираме – Создади нова иднина“ во делот „Топ 7 приоритети за нашиот Аеродром““, на жителите им гарантираше решавање на сообраќајниот хаос во општината (и) преку изградба на кружни текови:
Ветување: Секое работно утро и секое попладне, Аеродром е во сообраќаен хаос. Затоа, ќе понудиме бројни решенија за намалување на сообраќајниот метеж којшто се случува во Аеродром. Во текот на мандатот во соработка со градските власти ќе направиме два кружни текови. Едниот ќе биде во Острово, во близина на ООУ „Блаже Конески“, а другиот на булевар Србија…
Ние се обврзуваме: Во првата половина од мандатот ќе го завршиме кружниот тек во Острово.
[Извор: Платформа „Гарантираме за Аеродром – Создади нова иднина“(стр.9); датум: 17.10.2021]
Образложение:
Актуелниот вршител на должноста градоначалник на општина Аеродром, Дејан Митески – избран на таа функција на 15.7.2024 година на седница на Совет на Општината – го наследи Тимчо Муцунски, кој победи во првиот круг од изборите за градоначалник на Аеродром и беше на чело на општината до составувањето на новото владино мнозинство, по спроведените парламентарните избори на 8 мај 2024. Тогаш Муцунски беше избран за министер за надворешни работи и надворешна трговија во Владата предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, конституирана на 23.06.2024 година.
Муцунски беше градоначалник на Општина Аеродром две години и осум месеци, односно подолго од рокот што го вети за исполнување на изградбата на барем еден од ветените два кружни тека кои би го намалиле сообраќајниот хаос во оваа општина. Неговиот наследник на функцијата градоначалник на општина Аеродром, на помалку од 6 месеци пред одржувањето на локалните избори во нивниот редовен термин во октомври 2025, го нема остварено ова предизборно ветување.
И во документот на Општина Аеродром насловен „Стратегија за локален економски развој на општина Аеродром 2022-2026“, како прва стратегиска цел за подобрување на постојната инфраструктура и инфраструктурата во руралниот дел на Општина Аеродром (стр. 31 од документот) е наведена следната мерка:
Намалување на сообраќајниот метеж во урбаниот дел на Аеродром преку реконструкција на нови кружни текови, и тоа: – во Острово, во близина на ООУ „Блаже Конески“, кај ЈУДГ „Буба Мара“ и на булевар „Србија“ и кружен тек кај улиците „Симеон Кавракиров“, „Фрањо Клуз“, „Методија Шаторов Шарло“ и бул. „Кузман Јосифовски Питу“ и кружен тек на бул. „Февруарски поход“ со ул. „Тодор Чангов“ (влез во Лисиче).
Сепак, тоа ветување за намалување на сообраќајниот метеж не е остварено.
Во октомври 2023 година, на половина од мандаtите на градоначалниците, Мета.мк направи анализа на оствареното од нивните предизборни ветувања. Добар дел од нив се неостварени, за што во неколку наврати пишуваше и „Вистиномер“.
Милутин Ристески, советник во Советот на општина Аеродром и претседател на ОО СДСМ Аеродром, на 06.10.2024 го потсети градоначалникот на Аеродром за неостварените верувања.
Општина Аеродром досега требаше да добие и нова гимназија, нова општинска зграда, 3.000 нови паркинг места, вело-патеки на сите улици, нови кружни текови (меѓу Мичурин и Стар Аеродром, на бул. 12 македонска бригада, кај училиштето Љубен Лапе), нов мултифункционален центар со простории за младински центар, нов спортски центар „Пирин“ во населба Лисиче, Музеј на МЗТ, киносала и театарска сцена во Ново Лисиче. Ништо од ова не е изградено и нема да биде изградено ни до крајот на мандатот, наведе, меѓу другото, Ристески.
Затоа, според сето изнесено погоре, можеме да заклучиме дека предизборното ветување за изградба на два кружни тека во општина Аеродром на некогашниот градоначалник – сега актуелен министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој ја раководеше општината повеќе од половина мандат, како и на неговиот наследник на функцијата, актуелниот в.д. градоначалник Дејан Митески, е неостварено.
Извори:
- (17.10.2021) Платформа „Гарантираме за Аеродром – Создади нова иднина“(стр.9) – [проверено на 05.05.2025]
- (17.10.2023) Мета На градоначалниците им измина половина мандат – многу ветувања сè уште стојат во фиоки – [проверено на 05.05.2025]
- (06.10.2024) Канал 5 Ристески: Цели 3 години ВМРО ДПМНЕ во Аеродром потроши на лаги, изговори и празни ветувања – [проверено на 05.05.2025]
- (12.12.2024) Вистиномер Никаде ги нема новите четири градинки што Муцунски им ги вети на аеродромци – [проверено на 05.05.2025]
Оцени: Стојан Синадинов