„ОТВОРИ ОЧИ И СО ПАМЕТ! ВО СООБРАЌАЈОТ НЕ СИ САМ“
* Проект на Рудник САСА, Општина Македонска Каменица и МВР за поголема безбедност во сообраќајот
Македонска Каменица, 20.11.2023
По повод 19. Ноември, прогласен од Обединетите Нации за Светски ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи, рудникот за олово и цинк САСА, во партнерство со Општина Македонска Каменица и Министерството за внатрешни работи, започнува со реализација на Проект за подигнување на јавната свест и зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Основен мотив за започнување на ваков проект беше зголемениот број сообраќајни несреќи кои се случија во изминатите неколку години во кои беа повредени или животот го загубија жители на Македонска Каменица, меѓу кои и вработени и членови на семејства на вработени во САСА.
Целиот проект се состои од три компоненти. Првата, чија реализација стартува од денеска, претставува информативна кампања што ќе се спроведува на територијата на општина Македонска Каменица, вклучувајќи го и рудникот САСА. Целта на кампањата, која е финансирана од САСА и ќе се одвива под слоганот „Отвори очи и со памет! Во сообраќајот не си сам“, е подигнување на јавната свест меѓу локалното население и вработените во САСА за зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Основен мотив за започнување на ваков проект беше зголемениот број сообраќајни несреќи кои се случија во изминатите неколку години во кои беа повредени или животот го загубија жители на Македонска Каменица, меѓу кои и вработени и членови на семејства на вработени во САСА.
Втората компонента има едукативен карактер и ќе се состои од серија работилници што ќе ги спроведуваат вработени во отсекот за превенција при СВР-Штип, а ќе бидат наменети за учениците во основното и средното училиште во Македонска Каменица, на возраст од 14 до 18 години, како и за вработените во САСА. Целта на ваквите едукативни работилници е запознавање на младите жители од локалната заедница со сообраќајните правила и прописи, начинот на однесување и мерките што треба да ги преземат заради постигнување поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот.
Во рамки на третиот дел од проектот ќе бидат имплементирани нови технички решенија во делот на сообраќајната сигнализација на улиците и патиштата на територијата на општина Македонска Каменица, кои треба да придонесат за зголемена безбедност на сите учесници во сообраќајот. За реализација на оваа компонента, Општината, во соработка со надлежни институции, ќе изработи соодветен технички проект со кој треба да се идентификуваат критичните точки и да се предвидат соодветни решенија за подобрување на локалната сообраќајна инфраструктура.
Инаку, во светски рамки 1,35 милиони луѓе годишно го губат животот во сообраќајни несреќи, а повеќе од половина од сите смртни случаи во сообраќајот се пешаци, велосипедисти и мотоциклисти. Повредите во сообраќајот на патиштата ширум светот се водечка причина за смртност кај децата и младите на возраст од 5 до 29 години.
Во изминатите нешто повеќе од пет години, на територијата на општина Македонска Каменица, во просек се регистрираат речиси по две сообраќајни незгоди месечно и по една жртва годишно.